недела, 20 октомври 2024

Универзитетот „Мајка Тереза“ ќе има базен и спортски сали, проектот од 35 милиони евра го собра врвот на Вреди

По одлуката на Владата да се одобрат 34,5 милиони евра за изградба на кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ синоќа на состанок се собра врвот на коалицијата Вреди, со учество на лидерите и раководствата на партиите од таа коалиција, како и на нивните министри, заменици министри, директори и заменици директори во државните институции. „Важен состанок од кој порачуваме дека работиме чесно и одговорно во интерес на младите и образованието“, соопштија од Вреди. Според проектот, идниот универзитетски кампус ќе има современи лаборатории, спортски сали, базен и повеќе објекти, а е предвиден за околу 6 илјади студенти.

Фото: Проект за универзитетот

Објавено на

часот

Сподели

Средбата е важен состанок во значаен момент за иднината од нашето служење во интерес на граѓаните, чесно, отчетно и посветено, соопшти коалицијата Вреди и нагласува дека се дискутирало за инвестицијата од 34,5 милиони евра за Универзитетот „Мајка Тереза” во Скопје, „што претставува важен чекор за подобрување на образовниот систем и зголемување на можностите за нашите студенти“.

Синоќа, во гостување на ТВ21, заменик министерката за транспорт и врски Калтрина Зеколи-Шаќири истакна дека универзитетскиот кампус, покрај другото, ќе има најсовремени лаборатории и спортски терени и сали, како и базен. Зеколи-Шаќири оцени дека постапките за отпочнување на изградбата би започнале за неколку месеци.

Првиот вицепремиер Изет Меџити рече дека Владата, по предлог на Министерството за образование и наука и со одобрение на Министерството за финансии, донесе одлука за издвојување на сумата од 34,5 милиони евра. Според Меџити, целиот универзитетски кампус би бил изграден за неколку години.

„Тендерот ќе биде неколкугодишен бидејќи станува збор за проект кој не може да се реализира брзо. Проектот е готов, а деновиве се очекува да се добие градежната дозвола од Министерството за транспорт, потоа се отвора процедура за тендер и за избор на оператор, како и за поставување на камен-темелник. Ќе презентираме рокови за реализација на целиот проект“, изјави Меџити.

Инаку, како што може да се види во идејниот проект што го објави самиот универзитет, комплексот ќе има пет факултети, од кои четири технички факултети, административни простории, полу-олимписки базен, спортска сала, библиотека, простории за изложби, ресторан, гаражи и други објекти со дизајнирана површина од 95.102 м2 . Од бруто просториите на објектот, предвидени се една третина да бидат студиски лаборатории за 15 студиски програми за технички науки, три големи амфитеатри и други простори потребни за осум програми за социјални науки.

Планирано е овој универзитет да опфати околу 6 илјади студенти.

Во денешното соопштение на Вреди за синоќешниот состанок, се нагласува дека владината одлука е доказ за посветеноста на коалицијата за развој на образованието и за создавањето на подобри услови за младите.

„Потврдуваме дека нашиот завет кон граѓаните е ефикасност, транспарентност и жестока борба против корупцијата. Овие принципи ќе бидат основата на секое наше дејствување во Владата и ќе бидат наши водечки светилници. Посебно се залагаме за европскиот пат на државата и ќе работиме на поскорешно членство во Европската Унија. Визијата за интеграција во Европската Унија е клучна за нашата иднина и развој и ние сме посветени на спроведување на реформи кои ќе ја унапредат нашата позиција во регионот и пошироко“, порачуваат од Вреди.

Од Вреди не пропуштија да изнесат критики кон ДУИ оцеувајќи дека стана јасно оти бил разочаруваки нивниот однос кон државните институции додека ја практикувале власта.

„Коалицијата Вреди е подготвена да ја донесе многу очекуваната промена и да им го даде на граѓаните тоа што го заслужуваат: Влада која работи за нив и со нив“, порачаа од Вреди и ги повикаа граѓаните да им се придружат „за изградба на подобра и посветла иднина за нашата земја“.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ