недела, 20 октомври 2024

Унгарија сака да ја преземе воената мисија на ЕУ во БИХ

Објавено на

часот

Сподели

Со мисијата Алтеа досега командуваа австриски генерали, а унгарски високи офицери беа на челото на нејзиниот генералштаб. Австриските власти најавија дека планираат да се откажат од командата со мисијата чија цел е надгледување на безбедноста во Босна и Херцеговина и почитување на воениот дел на Дејтонскиот договор бидејќи австриските војници и опрема ангажирани во БиХ сега се попотребни во самата земја, особено поради надзорот на границите.

Како можни наследници се појавија Италија и Романија и уште некои земји, но се чини дека на преземањето на командната позиција е најблиска Унгарија, чија влада потврди дека за тоа е спремна да обезбеди логистичка поддршка како хеликоптери и друга опрема.

„Остануваме на намерата да ја преземеме командната позиција на Алтеа од јануари 2024, на период од една година ако тоа го одобри Советот за политика и безбедност на ЕУ“, се наведува во изјавата на унгарската влада, која ја пренесува Бањалучке новине.

Операцијата Алтеа е формирана во 2004 година кога ЕУ од НАТО го презема мандатот за обезбедување на мирот во БиХ, а унгарските војници во таа мисија учествуваат од 2010 година. Во моментот во БиХ во состав на Еуфор има околу 1.100 војници од 22 држави, вклучувајќи држави кои не се членки на Унијата како Швајцарија, Чиле, Македонија, Албанија и Турција.

Унгарија е многу заинтересирана за мирот и стабилноста во БиХ и спремна е да дејствува на непристрасен начин градејќи доверба со сите актери во земјата, вели унгарската влада.

Ова е воедно и коментар на резервираниот однос во Сараево за можноста од засилено ангажирање на Унгарија во БиХ бидејќи власта во Будимпешта гради сè потесни односи со лидерот на босанските Срби Милорад Додик и Република Српска.

Додик минатиот викенд во Будимпешта, каде престојуваше на покана на унгарскиот премиер Виктор Орбан, доби ветување дека Унгарија ќе му помогне со над 100 милиони долари поради финансиските санкции на Западот против Република Српска.

Самиот Додик потврди дека поради тоа РС во моментов „има проблеми со ликвидноста“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ