Македонските ракометари вчера одиграа беспрекорен меч, опасноста кон Унгарците доаѓаше од сите страни, бевме разновидни како никогаш претходно, дури 11 играчи се запишаа во листата на стрелци. Доминираше Филип Кузмановски кој даде десет голови, а клучен беше и Никола Митревски нанижувајќи дури 14 одбрани.
Ракометарите денеска имаат ден за рекуперација и подготвување за следниот меч, а тој е веќе утре. Почнуваме да ја кроиме тактиката за Холандија која исто како и Унгарија ќе влезе како сериозен фаворит против нас.
За разлика од нас, Холанѓаните вчера имаа далеку полесна задача, ја победија Гвинеја со 40-23. Го решија мечот во првото полувреме, а потоа ја тргнаа педалата од гас и рутински го довршија натпреварот.
Втората фаза не ни бега, во последното коло ќе ја обезбедиме очекуваната победа против Гвинеја, а веќе имаме бод за пренесување од мечот со Унгарија. Дуелот со Холандија ќе го играме без притисок, но со зголемена самодоверба и мотивација за нов успех.
Утрешниот натпревар меѓу Македонија и Холандија почнува од 18 часот. Во Вараждин повторно ќе доминира црвената боја на трибините од навивачите кои со вообичаената поддршка ќе го дадат својот допринос за добар резултат.