вторник, 22 октомври 2024

УНЕСКО: На 1,4 милион девојчиња во Авганистан им е забрането образование откако талибанците дојдоа на власт

УНЕСКО предупреди дека тригодишното владеење на талибанците го оневозможија пристапот до средно образование за 1,4 милион девојчиња, бришејќи „две децении постојан образовен напредок“ во Авганистан, додека „сè повисоките стапки на напуштање“ на основното училиште се закануваат да го „зголемат детскиот труд и раниот брак“ во земјата.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На најмалку 1,4 милион девојчиња во Авганистан им е забранет пристапот до средно образование откако талибанците се вратија на власт во 2021 година, а иднината на цела генерација сега е „загрозена“, објави во четвртокот Организацијата за образование, наука и култура на ОН.

Пристапот до основно образование, исто така, значително опадна, со 1,1 милион помалку девојчиња и момчиња кои посетуваат училиште, се вели во соопштението на УНЕСКО додека талибанските власти одбележаа три години од повторното преземање на Авганистан на 15 август 2021 година.

„УНЕСКО е вознемирен од штетните последици на оваа масовна стапка на напуштање на училиштето, што може да резултира со зголемување на детскиот труд и раните бракови“, велат од агенцијата.

„За само три години, де факто властите избришаа речиси две децении постојан образовен напредок во Авганистан, а иднината на цела генерација сега е загрозена“, се вели во извештајот.

Во моментов, речиси 2,5 милиони девојчиња се лишени од правото на образование, што претставува 80 отсто од авганистанските девојчиња на училишна возраст, објави агенцијата на ОН.

Талибанската администрација, која не е призната од ниту една друга земја, воведе ограничувања за жените кои ОН ги опишаа како „родов апартхејд“.

Авганистан е единствената земја во светот која ги спречува девојчињата и жените да посетуваат средни училишта и факултети.

„Како резултат на забраните наметнати од де факто властите, на најмалку 1,4 милион девојчиња намерно им е забранет пристапот до средно образование од 2021 година“, соопшти УНЕСКО.

Ова претставува зголемување од 300.000 во однос на претходното пребројување спроведено од агенцијата на ОН во април 2023 година.

Генералниот директор на УНЕСКО Одри Азуле ја повика меѓународната заедница да остане мобилизирана „за безусловно повторно отворање на училиштата и факултетите за авганистанските девојчиња и жени“.

Во пад е и бројот на основци. Во Авганистан, имало само 5,7 милиони девојчиња и момчиња во основно училиште во 2022 година, во споредба со 6,8 милиони во 2019 година, соопшти УНЕСКО.

Агенцијата на ОН за падот ја обвини одлуката на владата да им забрани на наставничките да им предаваат на момчиња, како и недостатокот на стимулации за родителите да ги испраќаат своите деца на училиште.

Подеднакво загрижувачки се и уписите во високото образование, се наведува во соопштението, во кое се додава дека бројот на студенти е намален за 53 отсто од 2021 година.

„Како резултат на тоа, земјата брзо ќе се соочи со недостиг на дипломирани студенти обучени за најквалификуваните работни места, што само ќе ги влоши развојните проблеми“, велат од УНЕСКО.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ