Македонската номинација на народниот музички инструмент гајда е мултинационална и била направена пред две и пол години заедно со Република Турција.
„Изработката и свирењето на гајда го промовира единството на заедницата, но и семејството низ социјалните активности. Гајдата служи како симбол на културниот идентитет, солидарноста, чувството на припадност и соработка. Номинацијата вклучуваше истражувања, размена на проекти и претстави. Другите активности вклучуваа организација на фестивали на меѓународно ниво. За да биде подготвена номинацијата беа приложени заеднички активности на работни групи во кои беа вклучени експерти како и изведувачи на овој народен инструмент како и други засегнати страни кои приложија соодветни нформации за комплетирање на номинацијата. Од овие причини Телото за евалуација ја предложи гајдата да биде ставена на листата на нематеријално културно наследство“, се вели меѓу другото во одлуката за прогласување на гајдата за нематеријално културно наследство.
Весела Честоева, в.д. директорката на Управата за заштита на културното наследство, во своето обраќање пред присутните се заблагодари за одлуката и рече дека прогласувањето на гајдата за светско културно наследство е резултат на одличната соработка помеѓу Македонија и Турција.
„Македонскиот тип на гајда се наоѓа од руралните средини до универзитетите во Скопје и Штип како и низ три континенти, Европа, Америка и Австралија. Гајдата ја свират Македонци, но и свирачи од други различни култури. Во името на минатите, сегашните и идните генерации на гајдаџии искажувам благодарност до Телото за евалуација и до Меѓувладиниот комитет за запишувањето на гајдата на репрезентативната листа на УНЕСКО“, рече меѓу другото Честоева.
На сесијата беше прикажан и официјалниот документарен филм посветен на гајдата.
Министерот за култура, Зоран Љутков на својот официјален фејсбук профил напиша дека ова е голем успех за македонската култура.
Агенцијата за образование, наука и култура на Обединетите нации – УНЕСКО вклучува практики, уметнички дела или вештини на својата листа на нематеријално културно наследство за да го поттикне нивното зачувување за идните генерации.