Сексуалното вознемирување и следење на интернет, како и јавното споделување интимни содржини без дозвола, се најбрзо растечки форми на родово-базирано насилство. Според истражувањата, повеќе од 60 отсто од жените во земјава барем еднаш се соочиле со онлајн насилство, а една од десет жени е жртва на злоупотреби на интернет секој ден.
Анкетата на УНДП покажа дека 70 проценти од жените кои биле жртви на онлајн насилство не го пријавиле случајот. Токму затоа, кампањата на УНДП ќе има посебен фокус на едукација на граѓаните за тоа што сè претставува технолошки овозможено родово-базирано и сексуално насилство, но и како и каде може да се пријави.
Технолошки овозможено родово-базирано насилството е секоја форма на нарушување на приватноста, демнење, вознемирување, родово-базиран говор на омраза, споделување лични содржини без согласност, сексуална злоупотреба заснована на фотографии или видеа, неовластено навлегување во компјутерски систем, кражба на идентитет и директно насилство. Секој ваков случај, жртвите можат да го пријават во најблиската полициска станица или на [email protected].
Кампањата е дел од проектот „Сузбивање на сексуално и родово-базирано насилство во дигиталната сфера“, поддржан од Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја.