петок, 18 октомври 2024
Нема крај на нападите од агресивните животни

Улично куче за нога изгриза жена под „Беласица“, друга во Маџари се качи на автомобил да се спаси

Наместо да стаса на работното место, триесет и четиригодишна скопјанка (идентитетот ѝ е познат на нашата редакција) заврши во болница со рани по нозете откако беше нападната и искасана од улични кучиња. За МКД.мк таа раскажа дека глутница разбеснети улични кучиња ја нападнале во вторникот наутро пред 7 часот под мостот „Беласица“ во близина на Железничката станица во Скопје. Но, наместо прва смена на работа, цел ден го минала по болничките ходници со силни болки. Вели, среќа во несреќа е што утрото нејзиниот врисок го чул маж, случаен минувач, кој возел велосипед, па поминал за да им одвлече внимание на животните, кои потоа тргнале по него, а каснатата жена успеала да избега.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

„Се симнав од автобус и тргнав по патот кој го поминувам секое утро. Улични кучиња врие под мостот, но од таму морам да поминам за да стасам на работното место. Кучињата лаеја, јас одев и не обрзнував внимание, се додека едно од нив се одвои од групата и се стрча накај мене. Почнав да викам, а тоа ме фати за нога и не ме пушташе. По него и другите се стрчаа накај мене. Почувствував огромна болка и во еден момент видов човек со велосипед како доаѓа накај мене, помина да им го одвлече вниманието, а јас со трчање побегнав и веднаш отидов во болница каде останав цел ден поради големата рана“, вели нападнатата жена која поради уличните кучиња остана на боледување и додава дека ќе земе многу помала плата.

Друг случај на жена нападната од улични кучиња се случи вчера во скопската населба Маџари. Жена за да се спаси од напад од агресивните животни се качи на хауба од автомобил. Овој напад за среќа заврши без повреди, но со голема траума и за неа и за оние кои се обидоа да ги одвратат кучињата од нападот, а кој се плашеа и тие да не бидат нападнати.

Овие два случаи се само дел од низата на големиот број на напади од улични кучиња. Скопје врие од животни кои се оставени сами на себе, за кои никој не се грижи. Дел од нив се доста агресивни, а тоа го покажува и бројката на пријави регистирирани во билтените на МВР.

Според податоците кои МКД.мк ги доби од МВР, за пет години само во Скопје дури 3.484 граѓани пријавиле дека биле каснати од улични кучиња.

Од 2019 година па до 2023 пријавите од граѓани каснати од улични кучиња бележат тренд на зголемување, односно ако во 2019 имало 618 случаи, таа бројка во 2023 стигнува до 876 случаи.

 

Доколку граѓанин е каснат или изгребан од куче или мачка веднаш треба да се јави во најблиската здравствена установа за лекување на повредите настанати од каснување или гребење од куче или мачка. Доколку животното е со познат сопственик веднаш треба да пријави телефонски на надлежниот официјален ветеринар од општината каде се случило каснувањето. Листата на официјални ветеринари и општините каде се надлежни, граѓаните можат да ја најдат на страната на АХВ.

Ако ве касна улично куче, по пријавата за настанот животното треба да се залови. Скопјанката која ни раскажа  за каснувањето кај мостот Беласица вели дека пријавила во Лајка, но одговор од таму не добила.

Нашата редакција се обрати до Јавното претпријатие Лајка за тоа каква е постапката откако ќе добијат пријава за агресивно животно и како да се реши проблемот со учичните куќиња. Од таму добивме одговор дека кучињата пријавени по каснување не се враќаат на матичната и остануваат во прифатилиштето се до нивното вдомување.

Согласно член 28 од Законот за заштита и благосостојба на животните општините во градот Скопје, односно градот Скопје, се надлежни да вршат заловување на бездомните кучиња, односно нерегистрирани кучиња и регистрирани кучиња доколку ги затекнат на јавни површини без присуство на сопственикот и привремено да ги сместат во соодветни објекти – прифатилишта, каде кучињата треба да се кастрираат, односно ојаловуваат, здравствено се третираат, на нив да се изврши превентивна здравствена заштита и тест за социјализација согласно со прописите од областа на ветеринарното здравство по што истите треба да се вдомат или вратат во реонот од каде што биле заловени. Бездомните кучиња треба да бидат трајно обележани со микрочип, а во случај на бездомни кучиња, вратени во реонот на заловување и со други видливи средства за идентификација, на начин кој нема да предизвика непотребна болка или страдање.

Лајка е само една алка во синџирот на решавање на проблемот со бездомните кучиња

„Нашите основни цели се да го намалуваме бројот на бездомни кучиња преку масовна кастрација и стерилизација, да иницираме и поттикнуваме вдомување на бездомните кучиња и да работиме на зголемување на јавната свест за одговорно сопствеништво на куче, бидејќи основната причина за настанување на овој комунален проблем е ниското ниво на свест кај граѓаните за благосостојбата на животните и недостаток на соодветна законска регулатива како и неспроведување на постоечката, бидејки сите релевантни истражувања наведуваат на фактот дека главниот извор на проблемот се домашните кучиња кои неодговорно се чуваат од страна на граѓаните, како и нерегулираното производство на нивни легла и нерегулираните активности на одгледувачниците и законски нерегулираната трговија со кучиња. Затоа постојано потенцираме дека ЈП Лајка е само една алка во синџирот на решавање на проблемот со бездомната популација на кучиња. Успешноста во решавањето на проблемот со бездомните кучиња во голема мера зависи од два други фактори, од институциите кои ги креираат политиките, односно законските решенија, и од институциите кои го контролираат спроведувањето на овие политики. За постигнување на крајната цел, потребни се паралелни мерки кои би го спречиле приливот на нови единки на улица, a тие се: брза и ефикасна примена на подобро законско решение кое ќе го таргетира пред се неодговорното сопствеништво – како извор на проблемот, подобра идентификација на милениците, контрола на размножувањето на сопственичките кучиња и обесхрабрување на создавање на нови легла, оданочување на нестерилизиран/некастриран миленик, посериозни санкции за неодговорните сопственици, но од друга страна и подобра имплементација на тоа законско решение од страна на надлежните институции, стои во одговорот до МКД.мк од Лајка.

Покрај спроведување на Програмата за работа на претпријатието за имплементација на хуманиот третман – Залови, стерилизирај, вакцинирај, врати, ЈП Лајка активно работи и на едукација за зголемување на јавната свест за благосостојбата на животните, на промовирање на вдомувањето и на одговорното сопствеништво.

Заловените кучиња се стерилизирани, вакцинирани против беснило, дехелментизирани, направен е тест за социјализација и видливо се обележани со ушна маркица. Во 2023 година, Лајка има истретирано 1.230 кучиња, од кои 1.025 заловени и 205 донесени од граѓани. Од вкупниот број на заловени и третирани кучиња, во 2023 на улица се вратени 731 куче. Лајка има многу ниска стапка на угинати кучиња, односно само 9 за претходната година. Кучињата пријавени по каснување не се враќаат на матичната локација и остануваат во прифатилиштето се до нивното вдомување. Ист е случајот и со кучиња кои се со откажана сопственост или напуштени од сопствениците. Во моментов во прифатилиштето има 79 кучиња кои не можат да се подрвгнат на Програмата и со тоа не можат да се враќаат на улица, туку се работи на нивно вдомување. Во прифатилиштето има кучиња кои се заловени со сопственички чип, истите се вратени на сопствениците или се пријавени во АХВ доколку има усложнување на постапката за нивно преземање на име на ЈП Лајка. Бројот на кучиња кои се заловени со сопственички чип а се вратени на сопственици, изнесува 51 за 2023 година, но ги има и такви кои ги затекнуваме со ремче а без микрочип, што укажува дека сопствениците ги пуштаат да талкаат сами без надзор и придружба на сопственикот“, додаваат од Јавното претпријатие.

Од таму велат дека заловувачите на кучиња на ЈП Лајка на терен затекнуваат кучиња со ушни маркици или микрочип од Косово и од Република Албанија, но и од други градови, како Тетово и Гостивар, за што поднеле пријави до МВР и АХВ.

„Со ова, не само што неконтролирано се зголемува популацијата на бездомни кучиња на територија на Град Скопје, се отежнуваат и нашите работни задачи и активности, но и се зголемува можноста од напади или каснувања. Што се однесува до пријавите во МВР по однос на агресивните кучиња, не можеме а да не се посомневаме во вистинитоста на истите и тоа да не го укажеме и во оваа прилика. Специфичен момент при наше постапување по пријава за каснување е што во голем дел од случаите посоченото куче и покрај неколку обиди не може да се најде на посочената локација, што отвара доза на сомнеж за конкретната пријава или пак во најголем дел недостасува конкретен опис на кучето од примерот: ‘кафеаво куче, среден раст’ или недостасува точна локација, што и повеќе од очигледно е дека не ни дава доволно информација за да постапиме соодветно. Многу сериозен за нас, пропуст во судските постапки е што судот ги смета за основани ваквите некомплетни и несоодветни пријави, односно при одлучувањето не го зема во предвид фактот што од страна на тужителот ни во еден сегмент не е испочитувана постапката за пријава за напад од куче која ја има пропишано Агенцијата за храна и ветеринарство. Освен тоа, пријавата до МВР сама по себе не е доказ дека нападот навистина се случил, туку е само потврда дека извесно лице тоа го изјавува пред службеното лице. Има многу недоследности во процесот поради кои има огромен простор за соменвање за злоупотреба на јавни пари од страна на граѓаните, потпомогнати од одредени полициски службеници, вработен медицински персонал, правосудениот систем и слично, што секако е сериозен проблем, кој ве охрабруваме да го истражите“, апелираат од Лајка.

Сите  кучиња кои се заловени по пријава за каснување, во ЈП Лајка го поминуваат успешно тестот за социјализација и во прифатилиштето не покажуваат агресија. Најголем дел од овие кучиња се вдомуваат и се покажуваат како прекрасни миленици во нивниот нов дом.

Во моментот во Лајка има 160 кучиња, а таргетот за стерилизација на бездомни кучиња во 2024 година е 1.800. Од претрпијатието велат дека постапуваат по пријави на граѓани, но исто така и по пријави и акции за стратешки заловувања на одредена територија.

„Вдомени кучиња од основањето на ЈП Лајка до смената на менаџментот во декември 2021 , за една и пол година работа на претпријатието е 180 кучиња, односно околу 15 кучиња месечно. Во 2022 година на месечно ниво се вдомуваа по 31 кучиња односно над 200% зголемување на оваа активност во однос на 2021 година или во бројки 365 помалку кучиња не биле вратени на улица. Овој тренд на зголемување на вдомувањата продолжува и во 2023 г. во која броиме успешно вдомување на 375 кучиња“ пресметаа од Лајка.

Но, во пракса бројката на уличните кучиња никој не ја знае. Без оглед на пријавите, секој граѓанин гледа дека улиците со години се полни со улични кучиња, дел агресивни, дел питоми, а никој до сега не успеа да го реши проблемот.

До објавата на написот нашата редакција не доби одговор од Град Скопје колку пари за тужби Градот Скопје исплатил на граѓаните кои биле нападнати или каснати од улични кучиња. Ако добиеме одговор, дополнително ќе го објавиме. Дотогаш според она што до сега е објавено, Градот во 2020 исплатил околу 250.000 евра по 480 тужби, а во 2021 исплатил над 400.000 евра по 589 тужби.

Пари се трошат за последиците, а причините и реалноста сите ја гледаат, но никој никако да најде решение со уличните кучиња.

Често има случаи на расфрлан отров за труење на овие животни по парковите низ главниот град на местата каде си играат и деца. За ова се одговара кривично, како за мачење животни, така и за предизвикување општа опасност бидејќи освен за животните, отровот кој се расфрла е опасен и за луѓето.

Катерина Додевска 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ