четврток, 10 октомври 2024

Украински историчар: Популарноста на Зеленски е на најниско ниво, во странство го сакаат, а дома го мразат

Јарослав Хритсак, професор по историја на универзитетот во Лавов, во интервју за весникот Кориере дела сера зборува за слабостите на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Популарноста на Володимир Зеленски е на најниско ниво. Кога денес би се гласало, би бил поразен. На Украина ѝ се потребни избори што е можно побрзо за да го обнови своето политичко раководство. За жал, мора да чекаме: нема да излеземе на избори сè додека земјата е под руска закана“, вели Хритсак.

Објаснува зошто не може избори сега да се одржат. „Тоа не е возможно од практична гледна точка, со делумно окупирана територија, огромен број граѓани во странство или под бомби. Постои и ризик од ослободување на внатрешните тензии, кои не слабеат“, истакна тој.

Смета дека популарноста на Зеленски паѓа од две причини. „Првата причина: повеќе од една година не успеа да извојува ни една победа. Освен можеби упадот во регионот Курск, кој може да се покаже како многу кревок. Втората причина: Зеленски нè третира како да сме деца кои не можат да размислуваат и на кои не треба да им се кажува вистината“, наведува тој.

„Зеленски продолжува да ја повторува херојската приказна од првите месеци, според која мораме да останеме обединети и да се бориме за ослободување на сите региони окупирани од Русите, вклучувајќи го Крим. Но никој повеќе не ја прифаќа оваа приказна: очигледно е дека нема да можеме да се вратиме на границите од 1991 и во секој случај тоа би довело до многу смрт и уништување, што реално земјата не може да го поднесе“, продолжува украинскиот историчар.

Тој предвидува и кој денес би победил на претседателски избори. „Последните анкети покажуваат јасна предност на поранешниот шеф на оружените сили Валериј Залужни. Тој ја има потребната харизма и да побара повеќе жртви и да ги направи болните отстапки на (рускиот претседател Владимир) Путин, меѓутоа засега не знаеме дали е спремен да се кандидира“, предупредува Хритсак.

Не е сигурен дали Зеленски е свесен за проблемот. „Се опкружи со лојални извршители кои се обидуваат да го заштитат од лоши вести. Сржта на проблемот останува неговата желба да ја сконцентрира моќта во своите раце – соработниците ги бира врз основа на лојалноста, а не на професионализмот“, вели тој.

„Кај нас постои традиција на претседатели кои настојуваат да владеат во стилот на својата досегашна работа. Зеленски беше добар глумец и сè уште така се однесува. Сонува за улогата на украински Черчил. Итноста на војната му помогна: го отелотвори великодушниот и храбар волонтеризам на Украинците, кои сакаа да се борат по секоја цена“, истакна тој.

„Но играта стана потешка кога стана јасно дека војната ќе се развлече и дека е потребно да се развиваат иновативни политики на отпор. Го споредувам со (последниот лидер на Советскиот Сојуз Михаил) Горбачов: многу популарен на почетокот на перестројката, но потоа сè поизолиран, ценет, дури и сакан во странство, но омразен дома“, додава професорот.

Тој ги поддржува идеите на опозицијата која сака да формира влада на национално единство за преговори со Путин. „Да, тоа би можело да биде решението. Зеленски не е системски мислител, потребни му се стручни советници кои развиваат долгорочни политики и стратегии. Мораме да преминеме од надеж во победа на политика на преживување. Но Путин победува, настојува да земе што повеќе од Украина, не е спремен за компромиси“, напоменува Хритсак.

Се осврнува и на напредувањето на руските сили во Донбас. „Ова е класична војна на исцрпување. И ваквите војни завршуваат со крах на една од двете војски. Резултатот зависи од тоа колку е општеството спремно на жртви, но засега не гледам никакви знаци на украински колапс“, оценува тој.

„Очигледно е дека помошта од Западот и проектилите со долг дострел играат централна улога. Тука ситуацијата е тешка. Но во Русија би можело да биде полошо. Се чини дека повеќето Руси сакаат војната веднаш да заврши“, заклучува украинскиот историчар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ