сабота, 21 декември 2024

Украински дронови нападнаа 1.000 километри длабоко во Русија (ВИДЕО)

Украински беспилотни летала го нападнаа Казањ, град во централна Русија, на околу 1.000 километри од украинската граница, а тамошниот аеродром е привремено затворен, објавија денеска руските медиуми и воздухопловните власти, пренесува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Руските државни новински агенции објавија напад со дрон врз станбен комплекс во Казањ, кој се наоѓа на околу 800 километри источно од Москва.

„Денеска Казањ претрпе голем напад со беспилотни летала. Претходно тие напаѓаа индустриски претпријатија, а сега непријателот наутро напаѓа цивили во нивните домови“, објави на Телеграм Рустам Миниханов, лидерот на Република Татарстан, каде што се наоѓа Казањ. Според локалните власти, жителите се евакуирани, иако не се знае точниот број на евакуираните.

Градските власти соопштија дека нападите предизвикале пожари во неколку населби и дека пожарникарите се на терен. Снимките објавени на социјалните мрежи и во руските медиуми покажуваат беспилотни летала што погодуваат неколку високи згради и создаваат огнени топки.

Министерството за одбрана соопшти дека градот бил нападнат во три брана со беспилотни летала помеѓу 7:40 и 9:20 часот (5:40 и 7:20 часот по средноевропско време).

Нема пријавени жртви, соопштија агенциите, повикувајќи се на локалните власти.

Градоначалникот на Казањ на Телеграм рече дека сите планирани масовни настани во градот ќе бидат откажани за време на викендот и дека властите ќе им понудат привремено сместување на евакуираните.

Аеродромот во Казањ привремено ги прекина слетувањата и полетувањата, објави руската агенција за следење на авијацијата Росавијација преку Телеграм.

Росавијација, исто така, соопшти дека воведува привремени ограничувања на два други аеродроми, во Ижевск, помал град североисточно од Казањ, и во Саратов, кој се наоѓа на околу 650 километри јужно од Казан.

Ограничувањата во Саратов подоцна беа укинати.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ