Според него, станува збор за авиони од типот бериев А-50 и илјушин Ил-22. Залужни не кажа како тие биле соборени, но Украина од западните сојузници доби софистицирани системи за одбрана од воздушни напади.
Залужни не кажа ни каде А-50 и Ил-22 биле пресретнати, иако во својот пост на социјалните мрежи прикачи видео снимка од сателитско следење на авиони на која се гледаат две мети како исчезнуваат над Азовско Море, сместено меѓу Украина и Русија, северно од Крим и Црно Море.
Овие летала се фундаментални орудија за оркестрирање на движењето на руските сили по бојното поле во Украина. Нивното соборување, ако биде потврдено, ќе биде исклучително значајно за Киев во речиси двегодишната војна, во моментов сведена на размена на ракетни и дроновски напади, и рововска борба долж речиси замрзнатата линија на фронтот.
Русија главно има доминација над воздушниот простор во текот на војната, имајќи предвид дека Украина располага само со воени авиони од советско време, додека руската страна има далеку помодерни летала.
Засега од Москва нема коментари на тврдењата на Залужни.
Руски воени блогери тврдат дека двата авиони се урнати од „пријателски оган“, односно дека во нив пукале руските сили, но не даваат докази за своите тврдења.
Според нив, Ил-22 бил погоден, оштетен е, но успешно слетал.
Авионите од овој тип се командни центри, ги надгледуваат воените операции и испраќаат радио сигнали кон трупите на линијата на фронтот. Русија во служба има десетици такви летала.
А-5, кој на себе има голем радар, обично има 15 члена на екипажот, а руското воено воздухопловство наводно има девет такви авиони.
Во февруари 2023 година, во напад со дрон на еден аеродром во Белорусија, беше оштетен паркиран А-5, но руските и белоруските власти ја опишаа штетата како незначителна.
Украина сака да ги импресионира своите западни сојузници со способноста да го користи модерното оружје кое ѝ е испорачано. Исто така сака да го одржи светското внимание на војната која се води на нејзина територија, плашејќи се дека тоа паѓа на листата на глобални приоритети.