„Украина е спремна да го пополни испразнетото место во ЕУ и НАТО ако Унгарија реши да го напушти во корист на членство во евроазиската ЦИС (Заедницата на независни држави) или ЦСТО (Организацијата на договорот за колективна безбедност“, се наведува во соопштението на министерството.
Коментирајќи ја изјавата на шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто дека одлуката на Киев да го прекине транзитот на рускиот гас преку својата територија ги зголемила цените, украинското министерство соопшти дека тие изјави се „дел од политички мотивираната кампања насочена на домашната потрошувачка“, потсетувајќи дека Европската комисија оцени дека одлуката немала негативно влијание на енергетската безбедност на ЕУ или потрошувачките цени.
„Единствената причина за предизвиците на енергетскиот пазар секогаш била Русија“, се наведува во соопштението со обвинување дека Москва со децении ја користи енергијата како оружје, како и дека уценува и ја поткопува енергетската безбедност. Во соопштението се додава дека Унгарија би требало отворено да признае дека приоритет ѝ е јакнењето на Русија над ЕУ и САД.
Петгодишниот договор меѓу Москва и Киев за транзит на рускиот гас преку Украина истече на 1 јануари, по што Украина одби да го продолжи договорот „во интерес на националната безбедност“.