Чернишов, кој го предводи новоформираното Министерство за враќање на бегалците, минатата недела престојуваше во Берлин на подготовката за изградба на центри каде што украинските бегалци во Германија би можеле да добијат совети и помош при враќањето во Украина. Тој објасни дека Украина страда од недостиг на војници, како и од работна сила во важни сектори. „Ситуацијата во енергетскиот сектор, воената индустрија и градежништвото е особено критична“, рече Чернишов.
Тој им рече на воените обврзници дека ќе бидат ослободени од воена служба доколку бидат достапни за еден од дефицитарните сектори. „Секој што работи во електрана нема да биде регрутиран. Тоа е гарантирано“, изјави украинскиот вицепремиер.
Според него, центрите ќе даваат поддршка и за оние кои не сакаат да се вратат во Украина, а се невработени во Германија. „Овие Украинци не треба да бидат товар на германската влада“, рече Чернишов. Од почетокот на руската агресија врз Украина во Германија пристигнале 1,1 милион бегалци. Неодамна во Германија се засили дебатата за нивниот статус.
Водечката Христијанско-демократска унија ЦДУ/ЦСУ постојано бараше да се намали државната помош за украинските бегалци. Украинските бегалци уживаат поголеми бенефиции во споредба со другите бегалци и баратели на азил бидејќи од првиот ден добиваат целосна социјална парична поддршка во износ од 563 евра месечно, што е за околу 100 евра повеќе од редовната помош за бегалците, а државата ги покрива и нивните трошоци за домување.
Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во неколку наврати истакна дека стапката на вработеност кај украинските бегалци во Германија, од 27 отсто, е значително пониска од онаа на украинските бегалци во други земји како Полска, Данска и Литванија, каде што над 50 отсто од работно способните украински бегалци се вработени.
Кандидатот за канцелар на демохристијаните, Фридрих Мерц, пред неколку месеци ја разбранува јавноста со тврдења за постоењето на социјален туризам. Тој изјави дека многу Украинци доаѓаат во Германија со автобуси за да си ги поправат забите, додека домашните не можат да закажат преглед кај стоматолог. Едно од централните предизборни ветувања на демохристијаните за предвремените парламентарни избори на крајот на февруари е токму намалувањето на миграцијата.