сабота, 27 јули 2024

Украина: Русија формира центри за „деукраинизација“ во окупираните области на Запорожје

Објавено на

часот

Сподели

Русите на окупираната територија во регионот Запорожје подготвуваат пропагандна кампања за наметнување руски идентитет на локалното население, објавија украинските медиуми.

Центрите за „деукраинизација“ ќе бидат создадени за „зајакнување на рускиот идентитет и меѓуетничкото единство во регионите што неодамна беа ослободени од јаремот на украинската пропаганда“, според изјава на шефот на Федералната агенција за етнички прашања на Руската Федерација Јевгениј Баринов.

Отворањето на руските пропагандни центри прв го пријави Националниот центар за отпор (ЦНС) на украинската влада, кој го цитираше Баринов.

„Највисокото воено-политичко раководство на Русија продолжува да презема конзистентни чекори насочени кон исфрлање на украинскиот идентитет од свеста на населението во јужна Украина“, објави прес-службата на ЦНС.

Активностите на формираните центри, вели ЦНС, ќе бидат насочени кон привлекување различни социјални групи на населението во регионот Запорожје за соработка со руските јавни организации.

Освен центрите, Националниот центар за отпор исто така соопшти дека Русија соработува со руски јавни организации за создавање „образовни“ програми и спроведување „хуманитарни програми“ за украинските жители на Запорожје.

Во февруари оваа година, Лабораторијата за хуманитарни истражувања на Јеил објави извештај во кој се вели дека најмалку 6.000 украински деца се запишани во руски кампови за „проруско патриотско и воено образование“.

Во почетокот на минатиот месец, Сандеј тајмс објави текст во кој обвини дека украинските деца биле подложени на услови слични на затвор, тепања и сексуално насилство во камповите за превоспитување. Весникот ја цитираше Инеса Верташ, мајка на 15-годишниот Виталиј, кој отпатувал во камп по поттик од неговиот учител. Виталиј сѐ уште е во заробеништво, вели ИБТ.

Освен превоспитување, некои украински деца што биле однесени во кампови биле присилно дадени на посвојување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ