„Прекрасно гори. Тоа е руски С-300. На руска територија. Првите денови по дозволата да се користи западно оружје на непријателска територија“, објави украинската владина министерка Ирина Верешчук на Фејсбук заедно со слика на која наводно се гледа нападот.
Ова се случува само неколку дена откако американскиот претседател Џо Бајден ѝ даде дозвола на Украина да врши ограничени напади со американско оружје на руска територија околу Харков, откако неколку европски држави ги укинаа ограничувањата за тоа како оружјето може да се користи, пишува Си-ен-ен.
Не е јасно дали оружјето користено во нападот опишан од Верешчук било испорачано од САД.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави одлуката на Бајден да дозволи некои напади на руска територија како „чекор напред“ за да им помогне на неговите сили да го одбранат воено разурнатиот регион Харков, иако некои аналитичари изразија сомнеж дека новите слободи значително ќе ја зајакнат способноста на Украина да ја одбие руската инвазија.