сабота, 19 октомври 2024

Украина ја менува ЕУ – се бара гласање без консензус и Балканот се става на брза трака

Објавено на

часот

Сподели

Белгија, Финска, Франција, Германија, Италија, Луксембург, Холандија, Словенија и Шпанија се земјите членки на ЕУ кои го отворија прашањето за промени во начинот на гласањето во унијата со квалификувано мнозинство, а не како досега со консензус.

Овие девет земји членки бараат примена на квалификуваното мнозинство во заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Во заедничкото соопштение објавено на интернет страницата на Министерството за надворешни работи на Германија се вели дека целта на оваа група е да ја „подобри ефективноста и брзината во надворешно-политичкото одлучување. Наспроти руската агресивна војна против Украина и растечките меѓународни предизвици со кои се соочува ЕУ, членките на групата се убедени дека на надворешната политика на ЕУ ѝ се потребни адаптирани процеси и процедури со цел да се зајакне ЕУ како надворешнополитички актер.

Во соопштението се повикуваат и другите земји членки на ЕУ да ѝ се приклучат на групата за да се постигне напредок во донесувањето одлуки за заедничката надворешна и безбедносна политика.

д

На ГЛОБСЕК форумот неодамна одржан во Братислава претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен рече дека војната во Украина е клучен момент за Европа. Во тој контекст таа го претстави новиот план од четири столба за Западен Балкан, нагласувајќи ја одговорноста на ЕУ да ги приближи земјите кои се стремат кон членство во ЕУ „многу поблиску“ до унијата.

Таа посочи дека не е доволно да се чека аспирантите за членки на ЕУ да се приближат кон унијата, туку и ЕУ треба да преземе одговорност за нивно приближување. „До одреден степен ова е нов пристап за Европската Унија: ние не бараме само од нашите партнери да преземат нови чекори кон нас. И ние правиме голем чекор кон нив. Нашата заедничка цел е да го забрзаме нивното патување кон ЕУ. И за ова ја доближуваме нашата унија до Западен Балкан“, објасни таа.

Новата иницијатива за поддршка на земјите од Западен Балкан и нивно приближување до Европската Унија се базира на четири столба: Приближување до единствениот пазар на ЕУ; Регионална економска интеграција; Забрзување на фундаменталните реформи и Стимулирање на економскиот раст преку зголемување на пристапните фондови.

За фундаменталните реформи таа го истакна градењето независно и ефикасно судство, обезбедување здрави јавни набавки и засилување на борбата против корупцијата.

И овој нов пристап на ЕУ, Лајен го стави во контекст на Украина и на случувањата во Молдавија и Грузија во однос на, како што кажа нивниот „копнежот за место во нашата Европска Унија. Западен Балкан и Унијата се сѐ поблиску и поблиску. Ова е моментот да се искористи, да се создаде пообединета Европа!“

И министерот за финансии на Македонија, Фатмир Бесими, во својата саботна колумна го истакна овој најавен нов пристап од Брисел. „Најавениот пакет има навистина широк опфат и економските придобивки од истиот се многукратни. Земјите од Западен Балкан ќе имаат можност многу порано да ги почуствуваат бенефитите од главниот двигател на економскиот успех на Унијата – заедничкиот пазар. Најверојатно, најавениот пристап ќе се однесува на еден негов поголем сегмент, односно дигиталниот единствен пазар, кој се однесува на размена на стоки и услуги преку дигитални канали. Тој вклучува области како е-трговија, кибер-безбедност и олеснување на платежните услуги и трговија со стоки. Заедничкиот регионален пазар може да помогне во забрзување на процесот на пристапување кон ЕУ, но исто така, регионалната економска интеграција е суштинска за отклучување на огромниот економски потенцијал во регионот и го прави истиот поатрактивен за странските инвеститори. Ист е случајот и со претпристапните реформи, бидејќи владеењето на правото и ефикасното и кредибилно правосудство се позитивен сигнал за странските инвеститори, додека зелената транзиција и обезбедувањето на енергетска одржливост се клучни за стабилност и одржлив раст. Ургентно е потребен раст на инвестициите во регионот, кој ќе го подигне стандардот на живеење и ќе помогне во приближувањето до ЕУ. Како што беше споменато, планирано е зголемување на претпристапните фондови за земјите од Западен Балкан, кои ќе ја стимулираат економската активност и ќе креираат дополнителен фискален простор“, напиша Бесими.

                                                                                                                                                       А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ