сабота, 19 октомври 2024
Собрание на Македонија

Укината е обврската на државата за либерализација на железничкиот сообраќај

Собранието на Македонија на крајот од седницата, која започна со интерпелацијата за работата на претседателот на парламентот, го донесе Законот за изменување на Законот за железничкиот систем, по скратена постапка, со кој се укинува обврската на државата за либерализација на железничкиот сообраќај.

Објавено на

часот

Сподели

Со предлог текстот на Законот се предлага приватно домашно или странско правно лице да може да врши јавен железнички превоз на патници и стока согласно со одредбите од Законот по пристапувањето на Македонија во Европската Унија.

Министерот за транспорт Александар Николоски образложи дека измените се поради тешката финансиска состојба на МЖ Транспорт и оти во координација со Европската комисија во рамки на Планот за раст е договорено да се тргне обврската за либерализацијата.

„Со овие измени практично го спасуваме АД МЖ Транспорт, каде работат голем број лица, кои имат свои семејства и треба да ги прехрануваат. Во изминатите два месеца активно работиме на тоа да земаат плати. Во координација со ЕК во рамки на Планот за раст се договоривме да се тргне обврската на Македонија за либерализацијата на железничкиот сообраќај,  затоа што кога би се реализирала ова претпријатие  кое и онака е во тешка финансиска ситуациа целосно ќе колабира“, рече Николоски.

Долгот на ова акционерско друштво во државна сопственост, како што соопшти, моментно е над 90 милиони евра и се прават напори да биде вратено во фирма.

„Неколку локомотиви веќе се вратени во операција за карго – превоз кој е најдоходовен, во следниот период ќе се изнајмат уште четири до пет  локомотиви, за што ќе се разговара за соработка со Србија“, рече министерот Николоски.

Благоја Бочварски, пратеник од СДСМ и поранешен министер за транспорт, оцени дека законската измена е непотребен чекор.

„Одлуката за либерализацијата на пазарот беше донесена по 32 години. Тоа ќе значеше отворање на пазарот за влез на повеќе оператори на пругите.  Со тоа ќе се спуштеа цените пред се на македонските компании. Мора да мислиме на македонската економија и да отвориме  врати за побрз и поевтин транспорт,“ рече Бочварски.

Со измените се брише член 65-а од законот во кој се пропишани одредби за правно или физичко лице кое врши превоз за сопствени потреби да има право на пристап до железничката инфраструктура и да може да врши превоз на железничката инфраструктура.

Со членот 4, поради лошата финансиска состојба, како и драстичното намалување на превозот по стока се предлага бришење на член 67-а од законот во кој се пропишани одредби за висината на надоместокот за користење на железничката инфраструктура.

Собранието по скратена постапка го донесе и Законот за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци–Штип и патна делница Кичево-Охрид.

Собранието без расправа го изгласа и предлогот за именување на Елена Маркова Велинова да биде изменувана за член на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и услуги на управување со комунален отпад.

Пратениците ги донесоа и Одлуката за разрешување и именување на претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „8 Септември“, Одлуката за разрешување на членовите на Управниот одбор на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор и Одлуката за разрешување на членовите на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации.

Претходно Собранието со 21 гласа „за“ и 72 „против“, без ниту еден воздржан, не ја прифати интерпелацијата за претседателот на законодавниот дом Африм Гаши.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ