Според Управата за финансиска полиција (УФП) првопријавениот З.А. во својство на управител на второпријавената фирма друштво за производство, трговија и услуги Тритерол петрол ДООЕЛ Скопје во април и мај 2023 година, со цел да се стекне со противправна имотна корист, изготвил фактури со невистинита содржина во вкупен износ од 31.599.220 денари, со вкалкулиран износ на ДДВ по пресметковна стапка од 18 отсто во износ од 4.820.220 денари, за наводно извршена набавка на стоки и услуги од фирмата друштво за трговија и услуги Ино ком ДООЕЛ Скопје, сметководствено ги евидентирал и ги искажал во задолжителни пријави за ДДВ со што искажал повисок износ на влезно ДДВ, на кој начин спротивно на Законот за ДДВ со овие фактури со невистинита содржина противправно ја намалил даночната обврска на второпријавениот правен субјект Тритерол Петрол ДООЕЛ Скопје по основ на ДДВ за четврти и петти месец 2023 година во вкупен износ од 4.820.220 денари, за кој износ го оштетил Буџетот.
Од Управата информираат дека исто така, во текот на мај и јуни 2023 година со цел да се стекнат со противправна имотна корист, првопријавениот З.А за дел од испоставените фактури со невистинита содржина префрлил пари во износ од 9.483.925 денари на банкарската сметка на друга фирма со сличен назив, петопријавениот – Ино ком интернационал ДООЕЛ Скопје, кој што наменски е основан од страна на четвртопријавениот Д.Д во својство на сопственик и управител, а ги подигнал во готово третопријавениот Р.Ѓ во својство на потписник на банкарската сметка на Ино ком интернационал ДООЕЛ Скопје, ги присвоиле и не доставиле документација за нивна економска оправданост, со што не пресметале, не пријавиле и не платиле данок на личен доход во износ од 948.392 денари за кој износ го оштетиле Буџетот.
„Со вака преземените дејства пријавените ги сториле кривичните дела даночна измама во врска со даночно затајување во врска со соизвршителство и помагање и со тоа противправно ја намалиле обврската за данок на додадена вредност во износ од 4.820.220 денари, не пресметале, не пријавиле и не уплатиле данок на личен доход во износ од 948.392 денари, односно за вкупен износ од 5.768.612 денари го оштетиле Буџетот“, информира Управата за финансиска полиција.