Според медиумите, Турција добила дозвола од челните луѓе во УЕФА, пред сѐ од претседателот Мишел Платини, за да се кандидираат и да ја добијат организацијата, затоа што сѐ помалку земји со сопствена единечна кандидатура би можеле да го издржат континенталниот шампионат, кој од 2016 година (ЕП е во Франција) ќе има 24 учеснички.
Поради ваквите ветувања, турската федерација сѐ уште калкулира со поднесувањето понуда за организација, затоа што постои и опција Истанбул да се кандидира за домаќин на Летните олимписки игри истата година. Сето ова го демантираше УЕФА.
„Трката за домаќин на ЕП 2010 не е започната, ниту е договорен распоредот“, беше сѐ што кажаа од УЕФА.
Турција четири пати по ред губи во трка за организација на ЕП, а последен пат за континенталниот шампионат во 2016 година, кога беше повеќе од јасно дека Французинот Платини ќе „ја донесе европската елита во својата земја“, која од 1998 година и СП нема организирано голем турнир. ЕП, пак, го нема организирано од 1984 година, кога Платини ги предводеше „триколорите“ до триумф и прв трофеј во историјата.
Франција во трката за Евро 2016 победи со 7-6 во гласањето, што предизвика бура од негодувања во Турција. За нив целиот настан бил исполитизиран од страна на претседателот на Франција, Николас Саркози, кој е најостар и во противењето за приклучување на Турција кон Европската Унија..