Повеќе од осум часа траеше агонијата на родителите чии девојчиња вчера се изгубија во Скопје, за време на екскурзија организирана од нивното основно училиште ,,Гоце Делчев” од Босилово. Девојчињата на возраст од 12 и 14 години биле пријавени во полиција за изгубени околу 16 часот, од страна на нивната наставничка. Им се изгубил траг во Веро Џамбо.
„Станува збор за екскурзија во која учествуваа 123 ученици и 19 наставници. Значи, еден наставник бил задолжен за шест до седум ученици, што значи дека тоа е доволен број за да се има контрола над ситуацијата. По посетата на саемот групата дошла во Веро Џамбо, бидејќи туристичката агенција која е организатор имала договор со некој од рестораните, каде децата ручаат, а потоа било предвидено да се прошетаат во кругот на Веро Џамбо. Заминувањето беше планирано во 16 часот, групата се собрала во 15.50, а двете ученички се одделиле под изговор дека го заборавиле паричникот“, изјавил директорот Божинов.
По масовната потрага на МВР, но и на голем број граѓани, кои самоиницијативно се организираа преку социјалните мрежи, ученичките беа пронајдени десеттина минути пред полноќ, од страна на полицијата, во близина на Стара рампа, недалеку од местото каде последен пат биле забележани.
Како што потврдија од МВР, во добра состојба, но поради нивната возраст не можат да откриваат повеќе детали за јавност.