сабота, 27 јули 2024
КСЗД издаде мислење за случајот

Училиште во Прилеп одбива да запише деца Роми на настава

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, издаде мислење против основно училиште во Прилеп, поради, како што велат од Комисијата, индиректна, континуирана дискриминација што доведува до сегрегација (Издвојување и дискриминирање на делови од населението врз основа на раса, вера, пол и слично) на ученици Роми. Мислењето, издадено на 18 јануари 2024 година е резултат на претставка поднесена од Европскиот центар за правата на Ромите (European Roma Rights Centre- ERRC) во септември 2023 година , во име на родителите на засегнатите ученици Роми против основното општинско училиште „Добри Јовановски“.

Објавено на

часот

Сподели

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација велат дека ова е трето вакво мислење кон македонско училиште во последните години, откако училишта во Штип и Битола беа осудени за сегрегација на ученици Роми во февруари и август 2022 година.

„Учениците Роми имаат право да учат во интегрирана средина. Тие имаат право да следат настава во најблиското локално училиште без да им се наложи дека мора да одат во „ромско училиште“, вели претседателот на ЕРРЦ, Џорѓе Јовановиќ.

„Одговорност на локалните власти е да спречат појава на де факто сегрегација во општинските училишта. Тоа не го вели само нашата организација, туку и Европскиот суд за човекови права во своите пресуди, а сега и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Издадени се неколку препораки до различни органи, со кои препорача на општинското основно училиште „Добри Јовановски“ да се воздржи од преземање на дејствија кои би резултирале со сегрегација на учениците Роми кои се запишуваат во ова училиште, а општина Прилеп да преземе активности за доследно почитување на актите за реонизација, што за цел би имало десегрегација. Останатите препораки вклучуваат зголемување на бројот на педагошки асистенти во училиштата, поттикнување на соработката меѓу општинските власти и граѓанските организации и определување построги критериуми за запишување ученици во региони надвор од местото на живеење од страна на Министерството за образование и наука. Посочените институции се должни да ги спроведат овие препораки во рок од шест месеци од добивањето на мислењето на Комисијата. Во спротивно, Комисијата (согласно член 27 став 4 од Законот за спречување и заштита од дискриминација) ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци“, соопштуваат од КСЗД.

Родителите Роми се спротивставиле на практиките на сегрегацијата во општинското основно училиште „Добри Јовановски“ и побараа помош од ЕРРЦ пред поднесувањето на претставката. ЕРРЦ организираше состанок со родителите за да се добијат податоци во поткрепа на наводите за сегрегација. Организацијата поднесе барања за слободен пристап до информации до основните училишта „Добри Јовановски“ и „Кире Гаврилоски-Јане“, двете лоцирани во областа Тризла во Прилеп.

Родителите Роми им објасниле на претставниците на ЕРРЦ дека „Добри Јовановски“ е училиште каде преовладуваат ученици Роми бидејќи кога родителите Роми кои живеат во реонот на основното училиште „Кире Гаврилоски-Јане“ се обидуваат да ги запишат своите деца таму, истите се усно одбивани и препраќани во „Добри Јовановски“ со објаснување дека тоа е „ромско училиште“.

Дополнително, поради диспропорционално големиот број ученици Роми во основното училиште „Добри Јовановски“, родителите македонци често бараат од училишната управа да не ги меша нивните деца со Роми при формирањето на одделенија, што резултира со формирање на чисто етнички ромски одделенија.

Статистичките податоци потврдуваат дека двете училишта во истиот реон се поделени по етничка линија, едното доминантно македонско, а другото ромско, со бројни сегрегирани одделенија составени единствено од ученици Роми формирани во „Добри Јовановски“. Додека во „Кире Гаврилоски-Јане” има едвај запишано неколки ученици Роми во последните две учебни години (8 Роми во 2022/2023 и 9 Роми во 2023/2024), спротивното е случај во Добри Јовановски (1.713 Роми во 2022/2023 и 1.701 г. 2023/2024).

Високиот број на одделенија составени единствено од ученици Роми во училиштето „Добри Јовановски“ упатува на тенденцијата ова училиште набрзо да стане целосно сегрегирано училиште само со ученици Роми (29 сегрегирани одделенија во учебната 2022/2023 година и 27 во 2023/2024 година).

На 13 октомври 2023 година, адвокатката која го застапува ООУ „Добри Јовановски“во поднесок до Комисијата даде објаснување дека училиштето се наоѓа во населбата Тризла која е со мнозинско ромско население и поради тоа бројот на ученици Роми е поголем.

ЕРРЦ ги потсетува Владата и локалните власти на нивните должности за ефикасно спроведување на пресудата на Европскиот суд за човекови права – Елмазова и други против Македонија (11811/20 и 13550/20) во врска со сегрегација на ученици Роми во училиштата во државата.

Спречување на нови случаи на сегрегација во образованието е дел од општите мерки кои треба да ги превземе Владата за успешно извршување на оваа пресуда.

Како што е наведено во пресудата, според „член 46, Судот смета дека мерките што треба да се преземат во контекст на овој случај мора да обезбедат крај на сегрегацијата на учениците Роми во спорните државни основни училишта, онака како што е препорачано од Европската Комисијата против расизам и нетолеранција, Комисија за спречување и заштита од дискриминација и Народниот правобранител.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ