недела, 19 мај 2024
Центар за граѓански комуникации

Училиштата „вртат“ 10 милиони евра главно низ нетранспарентни јавни набавки

Во истражувањето со наслов „Отсуство на процедури, транспарентност и отчетност кај набавките коишто се финансираат со пари од родителите во училиштата“ Центарот за граѓански комуникации алармира дека најголем дел од училиштата не можат да објаснат како е направен изборот на фирмите за чии услуги плаќаат родителите, како што се набавките на униформи за децата, ужинката, осигурувањето и слично. Проблемот е продуциран од неажурната регулатива на МОН за овие прашања.

Објавено на

часот

Сподели

Истражувањето спроведено во 96 основни и средни училишта во 8 општини во земјава открива дека набавките за осигурување, за униформи за учениците, за фотографирање, за ужина и за други потреби се спроведуваат во постапки за кои нема јасно дефинирани правила кои би овозможиле избор на најповолните понуди и најдобра вредност за потрошените пари. Јавни огласи се објавуваат само за екскурзиите, бидејќи Министерството за образование и наука (МОН)  за нив има донесено процедури уште во 2014 година, наведуваат од центарот.

„Најголем дел од училиштата не можат да објаснат како е направен изборот на фирмите за чии услуги плаќаат родителите. Дури и кај оние училишта што ги доставија одлуките за избор од страна на советите на родителите не може да се утврди како се прибрани разгледуваните понуди, односно кој одлучил од кои конкретни фирми да се бараат понуди за набавките“, велат од Центарот за граѓански комуникации.

Според наодите во истражувањето, оваа состојба е последица на тоа што Министерството за образование и наука доцни со изготвувањето на подзаконските акти со кои ќе се регулира начинот на спроведување на набавките во воспитно-образовните институции, кои не подлежат на Законот за јавни набавки.

„На тој начин се овозможува на училиштата да бидат нетранспарентни и неотчетни за начинот на трошење на парите од родителите. Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021 – 2025 година предвидуваше Министерството за образование и наука да ги изготви овие подзаконски акти (правилници) уште во првата половина од 2022 година, со цел да се намалат широките можности за корупција и злоупотреба на службената позиција“, смета центарот.

Во Македонија има 966 основни и 129 средни училишта, во кои учат околу 254 илјади ученици. Врз основа на добиените податоци, може да се процени дека годишната вредност на овие набавки изнесува најмалку 10 милиони евра. Ова е, секако, огромна сума пари, за коишто не постои системско решение за начинот на нивното трошење за потребите на учениците.

Ова истражување е изготвено во рамките на проектот „Заштита од корупција“ со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, имплементиран од Центарот за граѓански комуникации, во периодот од 1 ноември 2021 година до 31 октомври 2024 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ