недела, 21 април 2024
Средба Лога-Стирк

Учесниците во изборната кампања да се справат со говорот на омраза и лажните вести

Сите учесници на изборниот процес да се однесуваат на највисоко ниво и да обезбедат фер и демократски избори, констатирале на денешната средба министерот за правда Кренар Лога и Џилијан Стирк, шефот на мисијата за набљудување на претстојните избори на ОБСЕ-Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР).

Објавено на

часот

Сподели

На средбата, како што соопшти Министерството за правда, министерот Лога бил запознат со планираните активности на мисијата, составена од 12 меѓународни експерти, 20 долгорочни и 300 краткорочни набљудувачи кои ќе пристигнат во државата еден ден пред гласањето.

Амбасадорката Стирк најавила дека тимот експерти ќе работат на прашања поврзани со администрацијата, политичкото финансирање, финансирањето на кампањата, а ќе ги следат  и медиумите.

Лога ја информирал Стирк за активностите кои ги презеде Министерството за правда во изминатиот период со цел да се овозможи фер изборен процес.

„Станува забор за измените на Изборниот законик во кој се инкорпорирани голем дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР, како и заштитата која ја дава Кривичниот законик кој содржи посебна глава на одредби со кои се криминализирани делата против изборите и гласањето“, информираат од Министерството за правда.

Оттаму посочуваат дека останува предизвик институциите во текот на изборната кампања успешно да се справат со говорот на омраза и лажните вести.

„Убеден сум дека законската легислатива е на задоволително ниво за да имаме фер и демократски избори. Очекувам институциите да имаат голема одговорност и успешно и професионално да одговорат на сите предизвици и задачи за организирање на  демократски изборен процес со високи стандарди. Повикуваме сите учесници во изборниот процес да се однесуваат на највисоко ниво затоа што овие избори не се крај на светот, туку процес кој ја одредува нашата иднина и заложбата да бидеме дел од ЕУ“, истакнал министерот Лога.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ