„Станува збор за ученик кој е беспекорно послушен, дисципиниран, воспитан, одмерен, дружељубив, трудољубив, редовен ученик со одличен успех и примерно поведение“, се соопштува од прилепското училиштето Гоце Делчев.
За настанот, во соопштението од директорката Снежана Котева, стои кратко дека „во текот на вчерашниот ден во попладневната смена, за време на големиот одмор, се случи пад на ученик од вториот кат на училиштето“.
„Веднаш по известувањето за случката, отидовме на местото и ученикот беше во контактибилна состојба, свесен временски и просторно. Во истиот момент, ја повикав единицата за Итна медицинска помош, која интервенираше веднаш. Потоа ученикот е транспортиран со амбулантно возило до Одделението за анестезија и трауматологија во општата болница Борка Талески – Прилеп во наше присуство, мое и на класниот раководител. По одредени испитувања добиена е препорака за транспорт на ученикот во државната болница Мајка Тереза, на Клиниката за детска хирургија. Доцна, околу полноќ од дежурниот лекар на клиниката за детска хирургија добивме информација дека ученикот е во добра општа здравствена состојба, контактибилен, со одредени повреди, но е надвор од животна опасност и е во стабилна здравствена состојба“, пишува во соопштението од училиштето.
Според Котева, вработените во училиштето постапиле навремено и правилно.
„Дежурните наставници најодговорно ја извршуваат својата обврска, во однос на дежурствата и присуството во ходниците во училиштето, почитувајќи го кодексот на однесување“, се вели во соопштението од училиштето Гоце Делчев од Прилеп.