сабота, 27 јули 2024
Децата ги праќаме во училиште, а не на фронт

Ученик повредува и соблекува соученици во училиште во Аеродром, досега се отпишале седум деца

Објавено на

часот

Сподели

Деновиве, како што тврдат родителите, проблематичниот ученик не оди на училиште, но никој не им кажува дали е можеби префрлен во друго училиште или која е причината за неговото отсуство. 

Училиштето знае за ова однесување на второодделенецот бидејќи нашите соговорници испраќале писмени дописи до директорката за преместување на нивните деца во друго одделение или за испишување на агресивниот ученик. До сега од овој клас и училиште самоиницијативно се отпишале дури седум ученици.

Стручни служби од училиштето присуствувале на час и седеле за да го набљудуваат однесувањето на детето, но додека било со придружба однесувањето на детето било во ред.

Што се случува, зошто детето отсуствува подолго и дали повторно ќе се врати во училишните клупи, никој во одделението не знае. 

Оние со кои зборувавме ни потврдија дека ученикот што е проблематичен е дете со натпросечна интелигенција, во второ одделение решава задачи по математика за повисоките одделенија и дека кога ги напаѓа или ги тепа децата, им вели дека се глупави, а тие го избегнуваат и никој во класот не се дружи со ова момче.

„Детето е агресивно, а неговата агресија е најизразена во понеделник кога доаѓа од дома и можеби нешто му се акумулира од таму. Не знаеме, но службите треба да проверат. Тоа е дете што е многу паметно, но е агресивно и не можеме да дозволиме да ги повредува нашите деца. Децата ги праќаме во училиште, не на фронт. Од ударите имало дечиња што завршувале со видливи подливи, рани… Пред некое време на девојче му ја соблече долната облека и не можеме да дозволиме вакво однесување. Ако училиштето не може да се справи и да го реши овој проблем, тогаш ќе ги испишеме децата што останаа во ова одделение“, вели родителка на ученик од одделението во кое учи и проблематичниот ученик.

Редакцијата на МКД.мк и покрај обидите, со денови не успева да ја добие директорката. Се јавуваме на мобилен и на фиксен, пративме СМС и пораки на вибер, но одговор и изјава за овој случај не добивме.

По допрен глас и Министерството за внатрешни работи се ангажираше за случајот, но од таму велат дека нема ниту една пријава до нив ниту од родители, ниту пријавил некој од училиштето. Полициски службеници го посетиле училиштето, но од директорката добиле изјава дека таа ќе го решава случајот со стручните служби внатре во училиштето, а МВР без пријава нема ингеренции да постапува кога се работи за дете од второ одделение.

Дали некој испитува, дали се заинтересирал што доведува до агресија кај ученикот не дознавме, бидејќи не добивме одговор од училиштето.

За случајот се обративме и до Министерството за образование и наука од каде ни одговорија дека се запознаени. 

„Согласно законските надлежности и програмата за советување на ученици во основните и средните училишта и родители на ученици, надлежната служба на МОН има дадено насоки до стручната служба во училиштето да ги детектира причините за проблематичното однесување и да се спроведе стручен надзор над ученикот за време на часот, а резултатите од истиот да бидат клучна основа за понатамошно преземање мерки и дефинирање план за работа со ученикот и со семејството. Стручната служба на училиштето е комплетна, односно во училиштето има стручен кадар од секаков тип согласно законските прописи, кој е потребен за непречено функционирање и реализација на психолошко педагошката дејност. Според информации од училишното раководство, тие се во постојана комуникација и со семејството и со надлежниот Центар за социјални работи во насока на надминување на предизвикот“, велат од МОН за МКД.мк. 

Родителите што со писмени дописи барале да се реши проблемот добиле одговор од училиштето дека се преземени сите законски мерки за решавање на несоодветното однесување на ученикот и се работи на надминување на проблемите, но подетални информации за тоа нема бидејќи, како што се вели во писмениот одговор, не може да се навлегува во личните податоци и правото на приватност на детето и неговото семејство.

                                                                                                                                       К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ