четврток, 16 јануари 2025

Учениците од медицинските училишта во Тетово и Гостивар протестираа оти нема да добијат стипендија

Учениците со нивните родители, професори и раководството на Општинското средно медицинско училиште Никола Штејн во Тетово протестираа во училишниот двор. Причина е известувањето од Министерството за образование (МОН), за кое велат дека, учениците од дуалните паралелки ќе бидат изземени од стипендија. Поради истата причина денеска протестираа и учениците во прва година во средното медицинско училиште Гостивар. Првиот човек на образованието, министерот Јетон Шаќири, во одговор на новинарско прашање напомена дека во огласите за дуалните паралелки не биле предвидени паралелки за стручно образование во делот на медицината, но појасни дека се прават анализи за вклучување на околу 600 ученици на државно ниво. Медицинското училиште во Штип пак, денеска побара повлекување на одлуката на МОН, учениците од здравствените струки да бидат изземени од добивање стипендии. 

 

Објавено на

часот

Сподели

Родителите се револтирани затоа што добивањето стипендија и извршување практична работа во здравствена установа како дуално стручно образование било наведено во конкурсот при упис и, затоа сите тие се одлучиле да ги одберат тие паралелки.

„Без никакво објаснување министерството објави дека од 1.500 ученици кои ќе добиваат стипендија во дуалните паралелки, се изземаат само учениците од здравствената струка во средни училишта на ниво на државата. Ние имавме шест паралелки по 25 или вкупно 150 ученици. Министерството за образование зеде обврска преку фондот добиен од Швајцарската амбасада да им додели стипендија од 3.500 денари по ученик во текот на школска година од девет месеци“, изјави Бинас Пајазити, директор на ОСМУ Никола Штејн.

Револт има и кај наставниот кадар затоа што имале повеќе месеци работа за да се организираат и договорат овие дуални паралелки со повеќе здравствени установи.

„Без разлика на образложението ние сме ги направиле сите процедури. Изгласано е во советот на училиштето, Совет на Општина, па пратени до Министерството, тие ги анализирале и го објавиле конкурсот за дуални паралелки. Наеднаш го одземаат правото на децата тоа што им следи според објавениот конкурс. Бараме од министерството ако може оваа учебна година да го добијат ова право затоа што им следи согласно конкурсот. Ако не следат стипендии за дуално образование, нема да се нафатиме, затоа што ова е макотрпна работа, со секоја здравствена установа треба да се преговара и да се потпише договор“, рече Пајазити.

Кај родителите незадоволството е големо затоа што децата се одлучиле за ваква струка токму поради убедувањата на властите да се избере средно стручно образование, како начин на полесно обезбедување работа во иднина.

„Ова право треба да се оствари бидејќи им биле ветени стипендии, уште пред упис, сега имаме известие дека нема да добиваат. Тоа значи дека се деградирани и нивното право кое им беше ветено нема да биде реализирано. Како сите струки така и медицинската е многу битна за секое општество. Ова е тешка професија за која треба да се залага секој за да постигне резултати, да спасува животи и хумано да се однесува“, изјави Бети Богоев, мајка на ученик.

Шабан Зибери, татко на двајца ученици во медицинското училиште бара објаснување зошто тие средства се блокирани, пари кои ќе бидат поттик и за поголема волја децата да учат понатаму.

Директорот Пајазити рече дека по писмен пат побарале но не добиле одговори од одделот за стипендии во Министерството за образование и од Центарот за стручно образование.

Според информациите од училиштето, во јануари 2023 Министерство за образование и Швајцарската амбасада потпишале меморандум за соработка и грант од 5.9 милиони швајцарски франци за стипендирање на учениците од дуалните паралелки. 

Учениците во прва година во средното медицинско училиште Гостивар од протестот во училишниот двор, упатија пораки дека се дискриминирани во однос на другите врсници кои учат во дуални паралелки и нема да добиваат стипендии од Министерството за образование и наука. Тие побараа да им бидат прифатени пријавите на огласот за финансиска поддршка на учениците во стручните училишта.

м

На протестот, координаторката за дуални паралеки во Средното медицинско училиште, Нада Софронијевиќ, кажа дека се пријавиле на огласот за стипендии за ученици во дуалните паралелки, на кој, како што рече, не било наведено за кои струки. Таа смета дека одлуката да не бидат вклучени во стипендирањето е дискриминациска.

„Овие пари што би ги добивале, се пред сè за набавка на заштитни средства, како ракавици, маски и друга опрема. Ваквата одлука, нашите ученици да бидат изоставени во однос на другите ја сметаме како дискриминирачка. Со големи напори успеавме да ги заживееме ваквите паралелки и сметаме дека тоа не е во ред“, рече Софронијевиќ

Околу натамошните чекори и како ќе постапуваат во иднина, таа напомена дека се во координација со советот на родители и управите на останатите медицински училишта. Минатата година ова училиште склучило договори со повеќе здравствени установи за дуално образовани на околу 200 ученици.

Медицинското училиште во Штип пак, денеска побара повлекување на одлуката на МОН, учениците од здравствените струки да бидат изземени од добивање стипендии. 

Сто и седумдесет ученици во прва година во средното медицинско училиште Јане Сандански во Штип, но и во сите останати медицински училишта во земјава се дискриминирани, бидејќи Министерството за образование и наука ги укинува стипендиите за овие ученици во дуалните паралелки и тоа само за здравствените струки, истакна на денешната прес-конференција директорката, Марија Николиќ. Посочи дека на огласот за конкурирање на стипендии за ученици во дуалните паралелки стои дека важи за сите училишта, освен за учениците во училиштата во здравствените струки. Николиќ истакна дека по воведувањето на дуалното образование во учебната 2018-2019 година сите средни стручни училишта, меѓу кои и медицинските направија големи реформи, со воведување и на 40% повеќе пракса за учениците.

„Напорно работевме и ги постигнавме сите стандарди кои ги бара министерството за образование и наука, за да може да ги формираме дуалните паралелки во сите профили во училиштето. Во учебната 2023-2024 во Штип има запишано 170 ученици во дуално образование. Една од мотивацијата и која ни беше движечка сила да работиме и да формираме дуални паралелки беше да ја зголемиме атрактивноста на средното медицинско училиште. Еден мал сегмент за мотивација на учениците беше токму стипендирањето во дуалните паралелки“, вели Николиќ.

Таа забележа дека веќе имале состанок со Советот на родители и со наставниците и сметаат дека со укинувањето на стипендиите во дуалните паралелки во здравствените струки се прават и низа на прекршувања.

„Сметаме дека е направена дискриминација по однос на конкурсот, односно повикувајќи се на членот од Законот за задолжително средно образование, членовите од Уставот, кои гарантираат образование за сите и сметаме дека министерството за образование и наука ги крши овие членови и ги ограничува учениците да конкурираат на конкурсот, а камоли да го добијат стипендирањето“, вели Николиќ.

Забележа дека недостасуваат медицински сестри и техничари во речиси сите болници во земјава и приватни здравствени организации, а тоа се гледа и на огласите кои ги објавуваат здравствените институции.

„Барањето на средните медицински училиште во земјава е да се повлече овој оглас и да се овозможи на сите ученици од здравствените струки да конкурираат за добивање на стипендии во дуалните паралелки во прва година“, рече Николиќ.

Средните медицински училишта најавија претставки до Народниот правобранител и до Комисиите за дискриманција и борба против корупцијата.

Првиот човек на образованието, министерот Јетон Шаќири, во одговор на новинарско прашање напомена дека во огласите за дуалните паралелки не биле предвидени паралелки за стручно образование во делот на медицината, но појасни дека се прават анализи за вклучување на околу 600 ученици на државно ниво.

„Моделот на запишување во стручното образование е во дефицитарните струки, но без разлика на тоа во моментов се прави анализа за една вкупна бројка од 600 ученици кои се запишани во дуалните паралелки. Ако има потреба и според анализите мислам дека ќе ги вклучиме и учениците од дуалните паралелки од медицинските струки. Минатата учебна година имаше интерес и тоа го поддржавме. Учениците со најдобри оценки се сигурни добитници на тие стипендии и затоа разгледуваме какви се импликациите по Буџетот за да можеме да ги вклучиме и нив“, рече министерот Шаќири. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ