„Учебници ќе има за сите одделенија. Нагласувам како и многу години наназад, за жал, не по моја вина, затоа што постапката е сѐ уште во одредени процедури, нема да има учебници за странски јазици. Но, учебници за странски јазици ќе има догодина и нема да има печатен, значи хартиен материјал за јазиците на заедниците, кои ќе бидат објавени на веб-страницата на Бирото за образование, а бидејќи станува збор за јазик, наставниците користејќи ги тие материјали, ќе можат да им предаваат на учениците. Јазикот е жив, децата почнуваат да го учат и од сериите. Поентата е да разбираат и да зборуваат, не да учат граматика на за нив странскиот јазик – именки, заменки…, сметам дека тоа нема да биде никаков проблем, а следната година ќе го имаме и тоа“, додаде Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање за време на увидот во активностите за изградба на спортска сала во рамки на основното училиште „Наум Охридски“ во село Булачани.
Таа потврди дека учебниците за седмо одделение ќе се печатат по старата програма.
„За седмо се печатат по стара програма затоа што ние новите програми, поради големото незадоволство од сите чинители во образованието, ги ставивме на јавна расправа и за седмо и за осмо одделение за да ја направиме програмата поприфатлива за учениците, па и за наставниците оти тие се оние кои ги поучуваат учениците“, појасни министерката.
Кога ќе заврши јавната распава, додаде таа, Бирото за развој на образование ќе ја подготви коригираната нова програма.
Прашана за учебниците за средно стручно образование министерката изјави дека целата едиција за прва година е во печат и сите одобрени учебници за втора година.
„Значи, процесот не бил завршен за втора, трета и четврта, но, ние ќе го интензивираме и како ќе бидат одобрувани учебниците, така преку цела година ќе влегуваат во печат. Нема потреба ние да чекаме, затоа што имаме рамковна спогодба со печатницата, доколку заврши таа можеме веднаш да објавиме нов тендер и да почнеме со подготовка за учебниците за следната година“, додаде Јаневска.