сабота, 27 јули 2024
Мартин Анастасовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Уценета Македонија

Лично, нема да ми пречи, а верувам дека ниту на рационалните граѓани нема да им пречи, доколку во домашниот контекст претседателката Сиљановска-Давкова или претставниците на власта ги користат името Македонија, како и придавката „северна“.

Секако дека не посакував договор со Грција во кој името на државата има сеопфатна употреба со останатиот свет. Секако дека воопшто не посакував нашата држава да треба да преговара за своето вековно, и според правото на самоопределување на ОН, уставно име.

Но таква е европската реалност – клопче од формализам и произволност, отстапени и зачувани суверенитети, нужба за соработка и економски раст наспроти потреба за самобитност и одржливост – клопче кое низ вековите било испреплетувано од многу војни, раздори, погроми и несогласувања повеќе отколку кој било друг континент или реон во светот.

Реалноста на Европа наложува дека мора да се зборува и разговара, мора да се нагодува и договара. За жал, во случајнот со Македонија нагодувањето, односно компромисите со останатите држави, не се покажаа за взаемно корисни. Поради тоа, одговорите на прашањето северна или не, треба да ги бараме во испреплетеноста на европското клопче, кое сепак не е Гордиев јазол.

Уставната реалност јасно покажува дека придавката „северна“ е неодвоив придружник на државното име.

Дефакто реалноста јасно покажува дека за народот придавката е туѓа, настаната под присила и навредлива – и неа Македонците и сите што се солидаризираат со нив, со право ја отфрлаат.

Носителите на власта и на прерогативот на водење држава имаат морално право да не ги почитуваат законите кои не се фер кон народот. Да се потсетиме дека сегрегацијата во Америка и апартајдот во Јужна Африка беа озаконети институции.

Од друга страна, за да се опстои во интеракцијата и соработката со останатиот дел од континентот, и со ЕУ, од државните чинители се очекува да пристапат кон формализмот на Уставот.

Брисел го очекува тој формализам затоа што истиот го валидирала со тоа што ЕУ застана зад договорот, но Брисел нема право да го очекува истото во интеракцијата на државата со народот. Тоа е прашање на сувереност.

Ние не можеме да очекуваме разбирање од Грција и Бугарија затоа што нивните политики кон Македонија се причината за договорите и од нив доаѓа притисокот тие да се „имплементираат“. Според очекуваното, првите министри на овие земји веднаш испорачаа закани во облик на потсетувања.

Европската Унија, преку Икс (Твитер) фигурата на Урсула фон дер Лајен исто така нѐ „потсети“ на почитување на договорите.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел пренесе, подиректно, дека „разочарува“ тоа што Сиљановкса-Давкова не го употребила уставното име во заклетвата.

Без оглед што договорот од Нивици е производ на уставен инженеринг и се усвои прекутрупа бојкотиран референдум, без оглед на тоа што Грција го нема ратификувано во своето собрание, тој е актуелен.

Имено, грчкиот премиер побара од претседателката на Македонија да им се врати на „законските“ обврски.

Како понатаму? Формалистичкото придржување до договорите го покажува патот што е корисен за Македонија, во етапите дури е корисен. Има причини (како дијалогот со, односно, барањата на Бугарија) што претполагаат дека периодично ќе влегуваме и излегуваме од тие етапи.

Употребата на „северна“ може да оди произволно според поводот односно потребата, што ќе биде соодветен одговор наспроти амбивалентноста на ЕУ. Народот во Македонија треба да има разбирање, доколку претставниците на државата пристапат кон таков однос.

Истовремено, власта треба да ја оправда суштинската, дефакто реалност дома – правото на употреба на името Македонија, пред Европа и пред светот. Ова е потфат, и процес, кој треба да биде потпомогнат и од медиуми, организации, здруженија, како и од независни чинители.

Правото на употреба на името Македонија се заснова на морални начела кои се неоттуѓив дел од темелите за човеков односно цивилизациски напредок. Една од тие морални вредности неколку векови наназад е погазувана од Европа во остатокот од светот. Оваа погазена вредност – достоинството, тропа на портите на европската цивилизација.

Достоинството на човекот е фундаментално право од кое произлегуваат основните човекови права. Под достоинството се подразбира и достоинствен однос на државите кон други народи.

Да се потсетимеМакедонија беше уценета и сеуште е уценувана да отстапува од нејзината самобитност за да може да започне преговори за влез во ЕУ. Тоа е понижување. Пред и по договорите, Македонија и Македонците беа и сеуште се ставени во потчинета положба наспроти Бугарија и Грција, кои стојат како портири пред Европската Унија.

Своевремено, Грција тврдеше дека Македонија претставува воена закана кон неа. Своевремено, Грција одржа воени вежби на границата со Македонија. Грција дефакто не признава постоење на Македонци. Грчката држава изврши етничко чистење врз Македонци. Договорот со Грција е параван за сокривање од одговорноста што секоја земја треба да ја има пред човековиот напредок.

Бугарија беше воен окупатор на Македонија и своевремено, ограбувач на македонската материјална оставнина. По спроведување на првиот пост-воен попис на нејзина територија, државата ја смени одлуката и избриша десетици илјади Македонци од нејзината формално-правна реалност. Бугарија го ускратува правото на самоопределба на Македонија. Бугарија ги извитоперува и си ги препишува историските факти за домородната жртва за независна Македонија.

Денес, двете земји продолжуваат со нивниот понижувачки однос кон македонскиот народ и кон државата, на штета на сите нејзини граѓани, на штета на европскиот проект. Но ова не треба да не чуди. Понижувачкиот однос е ароганција и самобендисаност.

Овој менталитет во политиката на нашите соседи, Европа самата го валидира. Европа застана на страната на силните наспроти слабиот, дозволувајќи билатерален и тотално несуштински спор да биде внесен во преговарачката рамка.

Овде нема ништо чудно, затоа што односот на колонијалните испостави на европската цивилизација кон другите народи низ светот не бил нималку поразличен. Расизмот и угнетувањето на „инфериорните“ народи биле оправдувани од науката и од високото општество кои биле приврзоци на државниот поредок.

Таквиот однос е закана за самата Европска цивилизација.

Денес Африка е опфатена од сериозен бран на анти-Западен сентиментТоа не може да се чуе и види на вестите и порталите, но тоа што се случува има недвосмислено толкување: Европа е во културолошки клинч, со економски последици.

Претседателот на Демократска Република Конго, Феликс Тчисехеди во интервју со говорник на Францускиот канал за вести (LCI), на прашањето зошто Русија и Кина уживаат соработка со Африка тој одговори: „затоа што не доаѓаат со аргоанција [како земјите од западот].

Запрашан дали кинезите и русите се однесуваат подобро од западњаците, претседателот на Конго одговри, „апсолутно“.

Бугарија и Грција се продолжение на ЕУ. Овие земји (рака на срце и Србија) нивниот колонијалистички императив го одиграа преку обиди за етничко чистење, културолошко угнетување и денационализирање на македонците.

Денес сите ние сме исправени пред предизвик. Дали ќе се обидеме да се разбереме за да успееме заедно или ќе „успеат“ само оние што ќе го погазат другиот?

Мартин Анастасовски,

независен автор, преведувач и водител на поткастот Збориме реално 

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ