сабота, 27 јули 2024

Убиена најмладата еквадорска градоначалничка (27)

Најмладата градоначалничка на Еквадор Брижит Гарсија (27) и еден вработен во градот биле пронајдени убиени во автомобил вчера рано наутро, соопшти еквадорската полиција. Властите на јужноамериканската земја ја обвинуваат трговијата со дрога за бранот насилства во земјата, пишува Ројтерс.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Националната полиција соопшти дека ја истражува смртта на 27-годишната градоначалничка на Сан Висенте и Жаир Лоор, нејзиниот директор за комуникации, откако нивните тела биле откриени во провинцијата Манаби. Двајцата биле убиени со огнено оружје, соопшти полицијата.

Синоќа полицијата соопшти дека во нив било пукано од изнајмен автомобил и дека го следеле ГПС системот на возилото. Гарсија беше во партијата Движење на граѓанската револуција на поранешниот претседател Рафаел Кореа.

Кореа и Луиза Гонзалес, претседателски кандидат на партијата на неодамнешните избори, убиството на Гарсија го нарекоа атентат. „Само што дознав дека ја убиле нашата колешка, градоначалничката на Сан Висенте, Брижит Гарсија“, објави Гонзалес на Икс.

Гарсија е последната политичка фигура во Еквадор убиена по атентатот на претседателскиот кандидат Фернандо Вилависенсио во август минатата година.

Вилависенсио, гласен критичар на корупцијата и организираниот криминал, беше убиен за време на кампања две недели пред претседателските избори.

Претседателот Даниел Нобоа прогласи вонредна состојба во јануари поради зголемено насилство откако вооружени напаѓачи упаднаа во ТВ станица за време на пренос во живо. Нобоа назначи и 22 криминални групи како терористички организации.

На почетокот на овој месец, вонредната состојба во Еквадор беше продолжена. Во соопштение, Набоината влада ги осуди убиствата и рече дека соработува со обвинителите и полицијата за да се обезбеди брза истрага. „Ќе ги зајакнеме политиките за јавниот ред додека не се постигне безбедност и мир за сите Еквадорци“, соопшти владата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ