Безбедносни службеници кажаа дека операцијата е извршена со воздушен напад во провинцијата Анбар во западен Ирак.
Ал Рифаи бил „заменик“ на милитантната група и „еден од најопасните терористи во светот“, се наведува во соопштението.
Операцијата се одиграла во момент кога ирачките власти се загрижени од повторното оживување на Исламска држава (ИСИС) во Сирија, по уривањето на поранешниот претседател Башар ал Асад и доаѓањето на власт на „поранешни“ џихадисти.
Новите сириски власти се предводени од поранешната исламистичка група Хајат Тахрир ал Шам, поранешен огранок на ИСИС, и се стравува од крах на безбедноста во таа земја што би ѝ овозможило на Исламска држава повторно да се активира.
САД и Ирак минатата година најавија договор за укинување на воената мисија предводена од Американците во Ирак која трае до септември 2025 година, а американските сили треба да ги напуштат базите во кои се стационирани нивните трупи.
Кога беше постигнат договорот за прекинување на мисијата на западната коалиција во Ирак, ирачките политички лидери сметаа дека заканата од ИСИС е под контрола и дека повеќе не им е потребна американска помош за разбивање на преостанатите ќелии.
Но уривањето на Асад во декември натера некои да го преиспитаат тој став, вклучувајќи ги членовите на Координациската рамка, коалицијата на главно шиитски политички партии блиски до Иран кои го доведоа актуелниот ирачки премиер Мохамед Шија ал Судани на власт на крајот на 2022 година.