сабота, 27 јули 2024

Убиен напаѓачот кој уби двајца Швеѓани во Брисел

Белгиската полиција утринава го уби напаѓачот кој во понеделникот вечерта во Брисел уби двајца Швеѓани, објави јавниот сервис РТБФ, пренесе Ројтерс.

Објавено на

часот

Сподели

Британската агенција претходно објави дека властите потврдиле дека човекот кој утрово беше ранет со огнено оружје е и одговорниот за нападот.

Медиумите јавија дека полицијата утрово го ранила осомничениот во кафуле во населбата Шербик во Брисел. Министерката за внатрешни работи Анелис Верлинден, како што соопшти јавниот сервис ВРТ, изјави дека, според нејзините информации, тој починал на пат кон болница.

Таа потврди дека на местото на настанот го пронашле оружјето употребено во нападот во понеделникот вечерта.

Бриселскиот медиум ХЛН го објави идентитетот на осомничениот. Наводно, станува збор за Абдесалем Ласуед (45), Тунижанец кој илегално престојувал во Белгија.

Според извештаите на медиумите, и двете жртви на нападот во понеделникот вечерта носеле шведски фудбалски дресови, воочи квалификацискиот натпревар за Европското првенство во 2024 година против Белгија. Премиерот на Белгија рече дека пукањето е терористички напад.

Обвинителството претходно соопшти дека го истражува видеото на кое осомничениот вели дека ја поддржува таканаречената Исламска држава. По нападот во понеделникот вечерта, беше воведен највисок степен на опасност од терористичка закана.

Околу полноќ евакуиран е стадионот „Кралот Бодуен“ во Брисел, на кој имало околу 35.000 навивачи, откако беше прекинат натпреварот меѓу Белгија и Шведска во квалификациите за Европското првенство.

На границите на Белгија зголемени се полициските контроли, а нивото на тревога во Брисел е зголемено на четири, што е максимум и значи дека постои сериозна и непосредна закана.

Нивото на тревога не било толку високо од терористичкиот напад во метрото и на аеродромот во Брисел во 2016 година, во кој загинаа 32 лица.

Државниот секретар за азил и миграција Никол де Мур објави дека осомничениот по потекло е од Тунис и дека поднел барање за азил во ноември 2019 година. Таа апликација била одбиена во октомври 2020 година.

Мажот никогаш не престојувал во прифатен центар, па затоа никогаш не можел да биде лоциран за принудно враќање во земјата на потекло.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон во соопштение рече дека владата бара од Швеѓаните во Белгија да бидат внимателни и да ги следат инструкциите на белгиските власти.

Полицијата сѐ уште трага по можни соучесници кои, како што велат, ги снимиле сите акции на терористите. „Не можеме да исклучиме дека нема соучесници“, рече министерката за внатрешни работи Анелис Верлинден.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ