сабота, 27 јули 2024

Убиен еден од командантите на Хезболах

Хезболах соопшти дека еден од нивните команданти е убиен во напад во јужен Либан, што ја зголеми загриженоста од поширок регионален конфликт додека Израел се бори против Хамас во Газа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Хезболах, шиитска милитантна група со седиште во Либан, со неколкукратно поголема сила и капацитет од палестински Хамас, објави дека нејзиниот командант Висам Хасан ал-Тавил е убиен.

Либански безбедносен претставник анонимно рекол дека ал-Тавил бил командант на единицата Радван на Хезболах, за која Израел тврди дека има цел да се инфилтрира во областа околу северната граница на Израел со Либан, пишува Њујорк тајмс. Ал-Тавил бил убиен во напад во Кирбет Селма, село во јужен Либан, кое е на околу 15 километри од границата со Израел.

Израел сѐ уште не го коментираше инцидентот, но еден ден претходно израелската армија објави дека убила најмалку седум члена на Хезболах во нападите чија цел е уништување на единицата Радван и дека е подготвена да нападне повеќе позиции на Хезболах. Континуираните прекугранични конфликти на тој начин поттикнаа загриженост од поширока регионална војна.

Началникот на Генералштабот на израелската армија, генерал-полковникот Херцл Халеви, рече дека неговите сили се решени да го продолжат притисокот врз Хезболах и дека Израел е подготвен да води „уште една војна“ доколку тие напори не успеат. „Ќе создадеме сосема поинаква реалност или ќе имаме нова војна“, рече тој во неделата.

Нападите на Хезболах во саботата оштетија израелска воена база, што е еден од најголемите напади врз Израел во последните неколку месеци постојани напади преку границата. Моќната либанска милитантна група вети поддршка на Хамас, кој исто така е поддржан од Иран, и е ангажирана во мали напади на границата со Израел од почетокот на војната пред три месеци. Последниве денови Хамас ги засили нападите врз Израел како одговор на минатонеделното убиство на висок лидер на Хамас во Либан.

Судирите предизвикаа загриженост дека војната меѓу Израел и Хамас може да ескалира во поширока регионална војна. Во знак на солидарност со Хамас, единиците на Хутите поддржани од Иран во граѓанската војна во Јемен нападнаа бродови во Црвено Море и лансираа проектили кон Израел. Соединетите Американски Држави гаѓаа цели во Ирак, додека се верува дека Израел извршил целни атентати во Сирија и во Либан.

Израелските лидери во последните неколку недели постојано повторуваа дека има само две опции за враќање на мирот во конфликтот со Хезболах: дипломатско решение што ќе ги придвижи силите на Радван подалеку од границата, северно од реката Литани, или, ако тоа не успее, голема израелски воена офанзива со намера да се постигне истата цел.

Смиреноста, велат тие, е предуслов околу 80.000-те Израелци што беа евакуирани од таа област да можат да се вратат во своите домови. Сличен број Либанци ги напуштија своите домови од другата страна на границата. „Хезболах го вовлекува Либан во сосема непотребна војна“, изјави за новинарите во понеделникот Ејлон Леви, портпарол на израелската влада. „Сега сме на крстопат“, додаде тој. „Или Хезболах ќе се повлече, се надеваме како дел од дипломатско решение, или ќе го потиснеме со сила“.

Администрацијата на Џо Бајден повикува на договор и на спогодба за поместување на силите на Хезболах од границата, но безуспешно. Иако израелските власти велат дека времето за дипломатски договор истекува, аналитичарите велат дека Израел е претпазлив и сака да избегне значително проширување на конфликтот со Хезболах додека војската сè уште е ангажирана во интензивни борби во Газа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ