четврток, 16 јануари 2025

Уапсениот јужнокорејски претседател одбива понатамошна истрага

Адвокатите на отповиканиот јужнокорејски претседател Јун Сук-Јеол денеска изјавија дека тој одбива понатамошна истрага, нарекувајќи ја незаконска, откако антикорупционерите го приведоа поради воведување на краткотрајна вонредна состојба на почетокот на декември.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Јун го искористи своето право да молчи за време на повеќе од 10 часа испрашување во средата во Канцеларијата за истраги за корупција на високи функционери.

Се очекува истражителите да побараат негово официјално апсење во наредните денови, пренесува Асошиејтед прес.

Антикорупциската агенција, која со полицијата и војската истражува дали одлуката на Јун за воена состојба е обид за државен удар, има 48 часа да поднесе судско барање за негово формално апсење или да го ослободи.

Адвокатите на Јун Сук-Јеол тврдат дека наредбата за притвор издадена од Окружниот суд во Западен Сеул е неважечка и побараа од Централниот окружен суд да го разгледа неговото ослободување.

Неговите адвокати денеска поднесоа официјална жалба, тврдејќи дека упадот во претседателската резиденција, што доведе до негово апсење вчера, бил незаконски.

Еден од неговите адвокати рече дека отповиканиот претседател не присуствувал на денешното рочиште во Централниот окружен суд, што беше дел од разгледувањето на налогот за притвор, поради безбедносни причини.

Доколку судот издаде наредба за негово формално приведување, истражителите на антикорупциската агенција можат да го продолжат притворот за 20 дена, по што случајот ќе го предадат на обвинителите.

Доколку обвинителите поднесат обвиненија за бунт и злоупотреба на власта, тој би можел да остане во притвор до првата судска пресуда, која обично се носи во рок од шест месеци, рече Парк Санк-Бае, адвокатка специјализирана за кривично право.

Според јужнокорејскиот закон, водачот на бунтот може да биде осуден на смрт или доживотен затвор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ