недела, 20 октомври 2024

Уапсена поранешна филипинска градоначалничка, обвинета дека е кинески шпион

Поранешната филипинска градоначалничка Алис Гуо, која со недели беше во бегство, откако беше обвинета дека е кинески шпион, е уапсена во Индонезија.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Филипинските власти ја бараа Алис Гуо во четири земји, откако исчезна во јули по истрагата за нејзините наводни криминални активности, јавува Би-би-си. Таа е обвинета дека ги заштитувала онлајн казината кои биле фронтови на центри за измама и трговија со луѓе во малиот град Бамбан. Таа ги негира обвинувањата.

Филипинските власти соопштија дека се координираат со своите индонезиски колеги за да ја вратат на Филипините „што е можно поскоро“.

Гуо рече дека пораснала на семејна фарма со татко Кинез и мајка Филипинка, но официјалните лица кои ја истражуваат можната измама рекоа дека нејзините отпечатоци се совпаѓаат со оние на кинеска државјанка Гуо Хуа Пинг и ја обвинија дека е шпионка која соработувала со криминални организации.

Нејзиниот случај привлече меѓународно внимание, а нејзината сестра беше приведена и испрашувана. Сепак, Кина не ги коментираше обвинувањата. Властите веруваат дека Гуо ги поминала граничните контроли во јули и отпатувала за Малезија и Сингапур на пат кон Индонезија, каде што беше уапсена вчера.

За време на рација во градот Бамбан, полицијата пронашла околу 700 работници во центар за измами, меѓу кои 202 кинески државјани и 73 други странци, кои биле принудени да се претставуваат како онлајн љубовници. Истрагата е фокусирана на откривање како е можно Гуо да не знаела што се случува иако центарот се наоѓал во близина на нејзината канцеларија.

Се доведува во прашање и нејзиното потекло. Имено, релативно непозната во локалната политика, таа била избрана за градоначалник во својата прва кандидатура за јавна функција, што е реткост во областите во кои владеат политички семејства. Нејзините нејасни одговори на прашањата за нејзиното потекло ги наведоа официјалните лица да ја обвинат дека е кинески шпион.

Таа се обиде да го објасни тоа во ТВ интервју. Тогаш рече дека таа е вонбрачно дете на татко ѝ и дека нејзината мајка била негова куќна помошничка и тоа е причината поради која водела мирен живот далеку од очите на јавноста.

Но, откако контроверзите не стивнаа и откако Гуо одби да се појави на сослушувањата, беше распишана потерница за нејзино апсење. Набргу потоа, антикорупциското тело ја отстрани од функцијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ