среда, 23 октомври 2024

Уапсен уште еден руски воен командант за примање мито

Генерал-мајорот Валериј Муминџанов, заменик-командант на Ленинградскиот воен округ, е уапсен под сомнение дека примил поткуп од над 20 милиони рубли (200.000 евра), соопшти денеска Истражниот комитет на Русија.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Тоа е најновото апсење висок воен функционер во широката истрага за злоупотреба на позицијата во највисоките редови на руската војска. Во последните неколку месеци тој е деветтата воена личност што е уапсена под обвинение за измама, поткуп или злоупотреба на службената положба.

Меѓу другите е и заменик-министерот за одбрана Тимур Иванов, кој во април беше уапсен за примање поткуп и разрешен од функцијата.

Апсењата почнаа непосредно пред претседателот Владимир Путин да го смени министерот за одбрана Сергеј Шојгу со економистот Андреј Белоусов.

Муминџанов земал мито од добавувачи што сакале договор со Министерството за одбрана за униформи, вклучително и за војници што се борат во Украина, соопшти Истражниот комитет.

Во времето на исплатата на поткупот, Муминџанов бил началник на Секторот за набавки и ресурси на Министерството за одбрана, а вредноста на договорот за униформите била 1,5 милијарди рубли (15,14 милиони евра).

Инспекторите истражуваат како Муминџанов и неговото семејство стекнале повеќе од 120 милиони рубли (1,17 милиони евра) во нелегални средства во регионите на Москва и Воронеж.

Минатата недела му беше одреден притвор на поранешниот заменик-министер за одбрана Павел Попов под обвинение за измама. Попов е обвинет дека ги принудувал компаниите што имале договори со воениот Парк на патриотите во Москва да работат на неговите имоти бесплатно. Истражителите проценуваат и дали Попов легално стекнал имот вреден 4,97 милиони евра.

Муминџанов е заменик-командант на Ленинградскиот воен округ, формиран за одговорот на Русија на влезот на Финска и Шведска во НАТО. Тој округ, кој го опфаќа Санкт Петербург, постоел до 2010 година, кога бил припоен кон друг округ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ