сабота, 27 јули 2024

ТВ дуел Мицкоски-Ковачевски, несогласувањата остануваат

Несомнена е европската иднина за Македонија, но таа е во рацете на Европската Унија. За да преговараме за влезот во ЕУ тоа мора да е врз основа на вистински вредности и на Копенхашките критериуми, рече Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашнава дебата со претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на ТВ Канал 5.

Објавено на

часот

Сподели

„Но нема да дозволам да се дооведам во ситуацијата како од сликата од авиончето на Владата на СДСМ од 2018 година. За вистински да преговараме потребно е да имаме партнер од другата страна“, одговори Мицкоски на прашањето, дали владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе отвори преговори со ЕУ.

Тоа што се случи во периодот кога Ковачевски, Спасовски и Пендаровски и останатите во Владата го прифатија, беше нешто кое што граѓаните најмалку го очекуваа, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

„На тој начин не само што ја понижија Македонија и не само што ја ставија во подредена положба, туку и се обидоа да манипулираат со свеста и интелигенцијата на граѓаните гледајќи ги во очи и лажејќи ги и како свесно да работеа за интересите за Бугарија и сега го заглавија евроинтегративниот пат на Македонија“, рече Мицкоски на ТВ дебатата насловена како „Дуел за Македонија” во однос на францускиот предлог.

Мицкоски посочи дека како ВМРО-ДПМНЕ  јасно и прецизно кажале дека ова вака како што е конципирано за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо и  дека уставни измени под бугарски диктат нема да има.

„Еве јавно го кажувам и директно го гледам господинот Ковачевски во очи и му кажувам дека нема да има, под овие услови, промена на Уставот“, рече Мицкоски.

Ковачевски рече дека се чувствувал како да му го сечеле стомакот додека траеле мачните преговорите околу  францускиот предлог, а на Мицкоски му порача дека негова карактеристика е неодлучноста, а не загриженоста за иднината на Македонија.

„Кога преговарате со Бугарија, Франција и со други држани, а на маса е македонскиот идентитет, тогаш тие преговори треба да се сведат на малцински прашања. Тие преговори беа како некој со нож да ви го сече стомакот. Со неносење одлуки, државата стагнира. Европскиот предлог е најдобриот предлог што државата можеше да го добие и сега се преговара со Европската Унија“, рече Ковачевски.

За Ковачевски претседателот Стево Пендаровски има капацитет да однесе победа на претстојните претседателски избори. Мицкоски, пак, оцени дека нивната кандидатка Гордана Сиљановска-Давкова, ќе го надомести она што е пропуштено во изминатите пет години во мандатот на Пендаровски.

„Во СДСМ сме убедени дека ќе ја добиеме довербата на граѓаните да ја формираме следната проевропска Влада на Македонија, а Стево Пендаровски ќе биде повторно избран за претседател на државата – бидејќи имаме многу јасна визија и многу јасен план за еврппската иднина на државата којшто се темели на храбри одлуки и на јасна визија и јасен план како тоа да го направиме, рече Ковачевски на прашањето на новинарот каков претседател ѝ треба на земјава.

Според него, Пендаровски е нивниот избор за кандидат затоа што, како што кажа, тој во изминатот мандат покажа дека е претседател за сите, дека ги застапува прогресивните вредности и прогресивните политики и на СДСМ и на коалицијата која го поддржува, но пред се на граѓаните.

Тој оцени дека Пендаровски се покажал како претседател на сите граѓани, кој не ги дели граѓаните ниту по еден основ, кој ги застапувал сите стратешки интереси на државата, не направил ниту една стратешка грешка, бил еден од клучните актери за зачленување на земјава во НАТО и при отпочнувањето на прегворите со ЕУ, и во време на криза.

„Сметаме дека потенцијалот на Пендаровски е поголем од потенцијалот на сите други кандидати, со што на 8 мај тој повторно ќе биде избран за претсаедател на државата, и на 8 мај заедно со коалицијата за Европска иднина ќе фомираме Влада која Северна Македонија ќе ја внесе во ЕУ до 2030 година“, рече Ковачевски.

Мицкоски рече дека СДСМ долго време барал и конечно нашол човек кој е подготвен да изгуби, да доживее дебакл во следните претседателски избори и оти тоа ќе стане јасно уште на 24 април.

„Јас мислам спротивно од ова што го кажа Димитар Ковачевски, сметам дека Стево Пендаровски како претседател не покажа ама баш ништо, со што ја заслужи титулата претседател. Тоа го видоа граѓаните, тоа е одличен пример на човек којшто како профил не одговара да биде претседател на државата, а уште повеќе да биде татко на нацијата, бидејќи тој не успеа да ја обедини нацијата“, смета Мицкоски.

Тој кажа дека неговата партија смета дека „тоа што го изгуби Македонија изминативе пет години додека Стево Пендаровски беше претседател ќе го надокнадиме многу брзо во следните пет години кога Гордана Сиљановска Давкова ќе биде претседател на Македонија“.

„Тој е склон да озборува, нешто што не би требало да прави еден претседател. И најчесто тоа покрај тоа што го прави со политичките противници, го прави и со највисокото раководство на партијата која што го предложила да биде претседател. И мислам дека Македонија тоа што го изгуби изминативе пет години додека Стево Пендаровски беше претседател ќе го надокнадиме многу брзо во следните пет години кога Гордана Сиљановска Давкова ќе биде претседател на Македонија“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ