среда, 22 јануари 2025

Туск повика на вооружување на Европа: „Времето на комфор заврши“

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека „времето на комфор заврши“ за Европската унија и повика на значително поголеми трошоци за одбрана, дерегулација и обезбедување на границите од илегалната миграција.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Времето на комфор заврши, сите го знаеме тоа. Ако денес претседателот на САД зборува за потребата Европа, американските сојузници да преземат поголема одговорност за сопствената безбедност, да го третираме тоа како позитивен предизвик“, рече полскиот премиер, претставувајќи ги приоритетите на претседавањето на својата земја со ЕУ пред Европскиот парламент.

Шестмесечното претседавање на неговата земја започна на 1 јануари годинава, по унгарското претседателство, а акцентот е ставен на прашањето за безбедноста. „Европа сè уште не е изгубена додека живееме“, ги парафразираше Туск во говорот пред европратениците на пленарната сесија во Стразбур првите зборови од полската химна.

„Европската унија мора да верува во својата сила“, рече полскиот премиер. Туск верува дека ЕУ може да стои рамо до рамо со најголемите светски сили, потсетувајќи дека има 450 милиони жители и ист удел во глобалниот БДП како и САД.

„Мораме повторно да веруваме во нашата сила. Ние сме силни и еднакви со големите светски сили, единствено што мора да направиме е да веруваме во тоа“, додаде тој.

Во своето обраќање пред европратениците, Туск повика на распределба на пет проценти од БДП за одбраната, дерегулација за зајакнување на конкурентноста, вклучително и со напуштање на делови од Зелениот план и обезбедување на границите од илегалната миграција.

Премиерот на Полска, земјата која по процент на БДП троши најмногу на одбраната меѓу земјите-членки, околу пет проценти, ги повика и другите земји од ЕУ да го сторат истото. „Европа мора да биде вооружена ако сака да опстане“, предупреди тој, велејќи дека Полска можеби најдобро го разбира ова како една од најголемите жртви на европските војни.

„Треба радикално да ги зголемиме трошоците за одбрана, но не засекогаш“, продолжи тој. Полскиот премиер смета дека Европа е во „криза на негативни емоции“ и „духовен пад“, но дека „не смее да се плаши бидејќи нема причина за тоа“.

„Кренете глава Европејци – Европа беше, е и ќе биде голема“, го парафразира потоа слоганот на својот истоименик, кој во понеделникот стана 47-ми претседател на САД. Туск рече дека победата на Доналд Трамп е „скок во непознатото“, но дека Европа никогаш не се плашела од тоа.

Тој наведе примери на поединци од европската историја како што се Викинзите, Александар Велики и Кристофер Колумбо. Тој предупреди на опасностите од илегалната миграција и повика на обезбедување на европските граници за да можат да опстанат „демократијата и европските вредности“, бидејќи демократијата не смее да се поврзува „со беспомошност“.

„Може да се справите со илегалната миграција и без националистички и ксенофобични слогани“, рече поранешниот претседател на Европскиот совет. Тој нагласи дека ЕУ мора да биде способна да се заштити од „руските фабрики на дезинформации на лаги“, но во исто време „да не падне во замката на цензурата“.

Во однос на економијата, Туск сака „голема кампања за дерегулација“, од која ќе зависи европската конкурентност. Тој смета дека дел од европските регулативи, покрај руската инвазија на Украина, е причина за високите цени на енергентите. „Никој не вели дека не треба да ја штитиме животната средина и климата, но не можеме да си дозволиме да не бидеме конкурентни“, рече тој.

Туск сака ревизија на Зелениот план и „храброст“ за промена на неговите регулативи бидејќи „политичката цена на превисоките цени на енергентите е превисока“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ