„Европа се разбуди. Како што еднаш зборував во Полска, се разбуди џинот, а оние што беа слаби ги кренаа главите и победија. Самостојност, но не осаменост. Разбудената Европа, Европа што знае да смета, која го разбира својот глобален потенцијал, Европа што е сила, нема да биде алтернатива за САД, туку најпосакуваниот сојузник“, рече полскиот премиер пред да замине за Лондон.
Туск остро ги отфрли тврдењата на некои лидери во Европа што се согласни со условите на Русија дека Европа нема шанси и дека Русија е супериорна.
„Слушнете сами како звучи тоа: 500 милиони Европејци молат 300 милиони Американци да ги одбранат од 140 милиони Руси. Ако можеш да сметаш, сметај на себе. Не изолиран, туку со целосна свест за твојот потенцијал. Денес, во Европа, не ни недостига економска сила, луѓе, туку верба дека сме глобална сила“, рече Туск.
Полскиот премиер рече дека се знае, а дека и тој знае од сопственото искуство, дека агресорот, дури и обичниот силеџија на игралиштето, не го напаѓа најмалиот и најслабиот, туку тој што се плаши.
„Во Европа има недостиг од идеи дека сме храбри. Европа треба да ја види својата сила и јас ќе зборувам за тоа во Лондон“, рече Туск.
Премиерот изнесе и статистички податоци дека Европа и Украина, кои се на иста страна против руската агресија, имаат 2,6 милиони професионални војници, САД 1,3 милиони, Кина 2 милиони, а Русија 1,1 милион. Европа и Украина имаат 2.091 борбен авион, САД 1.456, Кина 1.409, Русија само 1.224.
Туск рече дека ќе се залага Полска да помогне да се разбуди оваа свест за силата, бидејќи таквата разбудена Европа може да гарантира мир, а не да доведе до капитулација на Украина.
„Ќе ја поддржам иницијативата на премиерот Мелони за организирање самит Европската Унија-САД бидејќи се чини многу неопходно. Но исто така гласно ќе барам Европа, сите европски земји, сега да го зајакнат источното крило. И тоа ќе биде тест на волјата да има повеќе европски војници во Финска, балтичките земји и во Полска на границата со Русија и Белорусија“, рече Туск.