понеделник, 21 октомври 2024

Турска фирма понудила мито за железницата со Бугарија

Сите процедури околу тендерот за железничкото поврзување со Бугарија од Коридорот 8 се запрени. По изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, а вчера и на министерот за транспорт Александар Николоски за обид  за поткуп од фирмите кои учествувале на тендерот,  постапката за избор на изведувач на работите е запрена. На тендерот учествувале седум турски фирми, што значи обидот за поткуп бил направен од една од тие компании.

Објавено на

часот

Сподели

По обвинувањата за поткуп и компликации на проектот, Министерството за транспорт и Македонски железници – Инфраструктура ги повлекоа своите тимови за оценување на проектот за железница кон Бугарија. Владата не се откажува од овој проект, но плановите за овој проект ќе се ревидираат и заедно со ЕУ и со Бугарија ќе се бара изводливо решение.

Овој проект е проценет на 560 милиони евра. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски обелодени дека на тендерот не се пријавила ниту една фирма од земјите членки на ЕУ.

„Седум компании се пријавија, но ниту една не беше од реномирани земји-членки на ЕУ. Некои се обидоа да ме поткупат мене и други функционери. Поради овие прашања и компромитираниот проект решивме да ги повлечеме евалуациските тимови. Оваа акција ја истакнува нашата посветеност на интегритетот на проектот“, рече Николоски.

Железничкиот проект се соочува со значителни пречки, вклучувајќи ја и изградбата на 22 тунели и 56 мостови на само 23 километри. Проценетата цена е околу 20 милиони евра по километар. Во моментов остануваат да се изградат 23 километри пруга од Крива Паланка до бугарската граница

Наша цел е да развиеме силен и остварлив проект во соработка со ЕУ, Бугарија и банките, со јасни гаранции од Бугарија за нејзината способност да го заврши проектот, изјави вчера Николоски и додаде дека Македонија посветено работи на реализација на патиштата од Коридорот 8 на потегот од источната до западната граница на земјава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ