петок, 21 март 2025

Турција приведе 37 лица поради „провокативни статуси“, најавени нови апсења

Турција приведе 37 лица осомничени за наводно објавување „провокативни постови кои поттикнуваат криминал и омраза“ по приведувањето на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу, главен политички противник на турскиот претседател, изјави денеска министерот за внатрешни работи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Турција го приведе Имамоглу, кој е главен ривал на претседателот Таип Ердоган, под обвинение за наводна корупција и поддршка на терористичка група, потег што главната опозициска партија го критикуваше како „обид за државен удар против следниот претседател“.

Турските власти идентификуваа 261 профил на социјалните мрежи, вклучително и 62 во странство, за „провокативни објави“ по приведувањето на Имамоглу и 106 осомничени, и продолжуваат со напорите за пронаоѓање на останатите осомничени, рече министерот за внатрешни работи Али Јерликаја на Икс.

Министерот рече дека на Икс биле споделени 18,6 милиони објави за Имамоглу за помалку од 24 часа по неговиот притвор.

Турција исто така заплени градежна компанија во косопственост на Имамоглу, соопшти канцеларијата на главниот јавен обвинител во Истанбул.

Во синоќешното соопштение обвинителството соопшти дека контролата врз компанијата на Имамоглу ја презел судот, врз основа на извештајот за истрагата за финансиски криминал.

Во Турција вчера избија протести поради приведувањето на градоначалникот на Истанбул и покрај забраните за јавни собири.

Имамоглу е главниот предизвикувач на претседателот Ердоган на претседателските избори, а Републиканската народна партија (ЦХП) планираше да го прогласи за свој претседателски кандидат во недела.

Следните избори ќе се одржат во 2028 година, но ова е втор и законски последен мандат на Ердоган доколку не распише предвремени избори пред да му истече мандатот или не го промени Уставот.

Имамоглу, 54-годишниот лидер на најголемиот турски град, е пред Ердоган во некои анкети.

Укината е и универзитетската диплома на градоначалникот, која е предуслов за кандидатура за претседател според турскиот устав.

Партијата на Ердоган го претрпе најголемиот изборен пораз минатата година кога ЦХП на Имамоглу ги освои големите градови на локалните избори и ја порази владејачката партија во нејзините поранешни најцврсти упоришта.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ