среда, 19 март 2025

Турција: Полицијата го уапси градоначалникот на Истанбул во истрага за корупција

Турската полиција денеска го уапси градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу, популарен опозициски лидер и клучен ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган, како дел од истрагата „за корупција и врски со тероризам“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Станува збор за драматична ескалација на владината репресија на опозицијата и неистомислениците во Турција, пишува агенцијата АП.

Турската државна агенција Анадолија објави дека обвинителите издале налози за апсење на градоначалникот Екрем Имамоглу и околу 100 други лица. Меѓу приведените е и блискиот соработник на Имамоглу, Мурат Онгун.

Властите затворија неколку патишта околу Истанбул и забранија демонстрации во градот на четири дена во очигледен обид да спречат протести по апсењата, додаде АП.

Критичарите велат дека операцијата следи по значителните загуби за владејачката партија на Ердоган на изборите во март, со зголемените повици за предвремени национални избори.

Државните власти велат дека судовите дејствуваат независно и ги отфрлаат тврдењата дека правните дејствија против опозициските фигури се политички мотивирани.

Апсењето е извршено при претрес во домот на Имамогу, но сè уште не е јасно дали полицијата запленила нешто од таму.

Сопругата на градоначалникот, Дилек Имамоглу, изјави за приватната телевизија Нау дека полицијата пристигнала во нивниот дом пред зори и дека градоначалникот бил одведен околу 7:30 часот.

Универзитетот вчера му ја укина дипломата на Имамоглу, дисквалификувајќи го популарниот опозициски политичар да се кандидира на следните претседателски избори. Универзитетска диплома е задолжителна за да се кандидира за избори според турскиот закон.

Партијата на градоначалникот, главната опозициска Републиканска народна партија, или ЦХП, требаше да одржи внатрепартиски избори во недела на кои се очекуваше Имамоглу да биде избран за нивен кандидат за претстојните претседателски избори. Следните претседателски избори во Турција треба да се одржат во 2028 година, но можно е тие да се одржат предвреме.

По денешните апсења, тоа тешко дека ќе се случи, пишува АП.

„Се соочуваме со голема тиранија, но сакам да знаете дека нема да бидам обесхрабрен“, рече Имамоглу претходно во видео порака објавена на социјалните мрежи. Тој ја обвини власта дека ја гази волјата на народот.

Претседателот на партијата ЦХП, Озгур Озел, го осуди апсењето на Имамоглу како „државен удар“.

„Во моментов постои власт која ја спречува нацијата да го одреди следниот претседател. Се соочуваме со обид за државен удар против нашиот следен претседател“, рече Озел.

Соработникот на Имамоглу, Онгун, на мрежата Икс објави за апсењето, иако се чини дека во тоа време очигледно не знаел дека и градоначалникот е приведен.

„Мислат дека можат да нè замолчат и да нè спречат да го браниме и поддржиме Екрем Имамоглу. На турската нација ѝ го доверувам Екрем Имамоглу. Заштитете го, чувајте го и поддржете го. Не можат да ја победат нацијата“, напиша Онгун на мрежата Икс.

Исто така, полицијата го уапси и познатиот истражувачки новинар Исмаил Сајмаз и го повика на сослушување, објави проопозициската телевизија Халк.

Во меѓувреме, групата „нетблокс.орг“ денеска објави дека пристапот до популарните платформи за социјални медиуми е ограничен во Турција.

Универзитетот во Истанбул, поништувајќи ја дипломата на Имамоглу, наведе наводни неправилности при неговиот трансфер во 1990 година од приватен универзитет во северен Кипар на Факултетот за основна администрација во Истанбул. Имамоглу рече дека ќе поднесе жалба на одлуката.

Опозицискиот лидер се соочува со повеќе судски случаи, вклучително и наводи за обид за влијание врз судски експерт кој ги истражува општините под контрола на опозицијата. Овие обвиненија носат закана од затворски казни и политички забрани.

Имамоглу беше избран за градоначалник на најголемиот турски град во март 2019 година, како историски удар за Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот (АКП), кои беа на власт во Истанбул четвртина век. Партијата на Ердоган се обиде да ги поништи резултатите од локалните избори во 16-милионскиот град, наведувајќи нерегуларности.

Изборите беа повторени неколку месеци подоцна и Имамоглу победи. Градоначалникот ја задржа својата функција по локалните избори минатата година, на кои неговата партија постигна значителен напредок во однос на владејачката партија на Ердоган.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ