сабота, 27 јули 2024

Турција и Белорусија го суспендираат Договорот за конвенционални оружени сили во Европа

Турција од 8 април го прекинува учеството во Договорот за конвенционални оружени сили во Европа. Белорусија исто така почнува процес за суспензија на истиот договор.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Указот на претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган е објавен во турскиот службен весник Ресми газет.

„Донесена е одлука Договорот за конвенционалните оружени сили во Европа да се суспендира од 8 април во согласност со членот 3 од претседателскиот указ број девет“, се наведува.

Во согласност со спомнатиот член, Ердоган има право да суспендира одредени меѓународни договори со указ и за тоа не му е потребно одобрување од парламентот.

Во меѓувреме, претседателот на Белорусија Александар Лукашенко одобри во Претставничкиот дом на народното собрание на земјата да се поднесе нацрт закон „за суспензија на Договорот за конвенционалните оружени сили во Европа“, јавува агенцијата Белта.

Нацрт законот предвидува суспензија на договорот, но не значи дека Белорусија се повлекува од него, ниту дека престанува да ги спроведува внатрешните процедури во своите оружени сили, кои се поврзани со неговата реализација.

Според Белта, Белорусија во целост ги исполнува обврските кон договорот, вклучувајќи стриктно почитување на утврдените максимални бројки околу расположливото вооружување, воената опрема и припадниците на оружените сили.

Русија на 7 ноември конечно ја заврши процедурата за повлекување од договорот за конвенционалните оружени сили во Европа. Потоа и Британија и нејзините сојузници го прекинаа своето учество, а потегот наиде на поддршка од НАТО.

Договорот за конвенционалните оружени сили во Европа го потпишаа на 19 ноември 1990 во Париз претставници на 16 држави членки на НАТО и шест држави на Варшавскиот пакт, а стапи на сила на 9 ноември 1992 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ