Според турскиот министер за правда Јилмаз Тунч, судот во Анкара донел одлука да го забрани пристапот до Дискорд поради сомневање во можноста за извршување на кривични дела поврзани со „сексуална злоупотреба на деца“, пренесе Ројтерс.
„Решени сме да ги заштитиме нашите млади и деца од штетни содржини на социјалните мрежи кои претставуваат криминални дејствија. Никогаш нема да дозволиме да се разнишаат темелите на нашето општество“, напиша Тунч на мрежата Икс.
Одлуката за забрана уследи по негодувањето на јавноста поради убиството на две жени од страна на 19-годишно момче претходно овој месец. На социјалните мрежи се појавија содржини во кои корисниците на Дискорд го фалат убиството, што дополнително го зголеми незадоволството кај јавноста.
Во меѓувреме, Русија, исто така, ја блокираше истата платформа поради кршење на законот, откако претходно ја казни платформата затоа што не ја отстрани забранетата содржина.