сабота, 19 октомври 2024

Тунис ја отфрли финансиската помош од ЕУ, се сомнева во јулскиот договор

Тунискиот претседател Каис Саид ја отфрли финансиската поддршка што ЕУ ѝ ја најави на земјата во септември, делумно како помош во борбата против илегалната миграција, велејќи дека таа е во спротивност со договорот потпишан пред три месеци.

Објавено на

часот

Сподели

Потегот на Саид би можел да го поткопа „стратешкото партнерство“ од јули, кое вклучува мерки за борба против трговците со луѓе и заострување на граничните контроли, по наглото зголемување на бројот на бродови кои од северноафриканската земја одат кон Европа, пишува Ројтерс.

Имено, Европската комисија минатиот месец објави дека ќе плати 127 милиони евра помош за Тунис како дел од јулскиот договор за борба против илегалната имиграција од Африка во Европа.

„Тунис го одбива она што го најави ЕУ, не поради малата сума (…) туку затоа што предлогот е во спротивност со меморандумот за разбирање потпишан во јули“, рече Саид, пренесе Ројтерс.

Договорот од јули, вклучува помош за Тунис од една милијарда евра, која освен за справување со миграциската криза, ќе послужи и како „инјекција“ за економијата и државните финансии.

Сепак, помалата сума објавена од Комисијата пред десет дена предизвика фрустрација кај туниските власти, кои се борат да ја подобрат состојбата во јавните финансии, и ги зголеми стравувањата кај агенциите за кредитен рејтинг дека тамошната влада би можела да не ги плати странските долгови во наредните месеци.

Спорот меѓу двете страни, според Ројтерс, се совпаѓа со пристигнувањето на рекорден број мигранти од Тунис и Северна Африка на италијанскиот остров Лампедуза.

Така, Тунис ја одложи минатата недела посетата на делегација на Европската комисија за разговори за детали од договорот за миграција. Исто така, минатиот месец го забрани влезот на пет членови на комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент на состаноци за политичката ситуација во Тунис, велејќи дека нема да дозволи мешање во внатрешните работи на земјата.

Некои европски земји, вклучително и Германија, се спротивставуваат на јулскиот договор, тврдејќи дека не се однесува на политичката ситуација и прашањата за човековите права откако Саид ја презеде власта, го затвори тунискиот парламент и почна да владее со декрет, што тамошната опозиција го карактеризира како државен удар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ