„Самиот јавен обвинител го потврди она што ние го тврдиме од првиот ден, дека нема никаква комуникација. Денеска беше појаснето дека Александар имал комуникација со Дејан Димовски како началник, Музафер Харишиќ и Гоце Трајковски,“ изјави Туфегџиќ.
Според адвокатот, доказите покажуваат дека Ѓорчевски постапувал исклучиво според инструкции од полициски службеници.
„Александар постапувал по напатствија на полициските службеници, разменувал видео материјали и комуницирал со нив во таа насока. Јавниот обвинител потврди дека во критичниот период Александар контактирал исклучиво со Зорица, Вања и Миња,“ додаде тој.
Адвокатот истакна дека предложил дополнителен доказ, односно новинарски извештаи објавени неколку часа по изјавата на мајката Зорица Ѓорчевска на социјалните мрежи за исчезнувањето на девојчето.
„Овој доказ ќе покаже кој прв ја информирал јавноста дека девојчето можеби е киднапирано. Очекуваме уште тој доказ да биде разгледан, по што за нас како одбрана доказната постапка ќе биде завршена,“ објасни Туфегџиќ.