„Обвинителството само паушално наведува дека Ѓорчевски помагал. Нема дејствија на извршување, нема доказ и потполно беше апсурдно барањето на Јавното обвинителство за исклучување на јавноста, а јавниот обвинител во воведниот говор рече дека јавноста треба да ги добие долгоочекуваните одговори. Како јавноста доколку биде исклучена ќе ги добие долгоочекуваните одговори“, рече Туфегџиќ.
Адвокатот додаде дека Александар Ѓорчевски, таткото на Вања е жртва, дека е класично злоупотребен и оштетен во постапката и дека тој брани потполно невин човек.
„Неговите дејствија во насока на самостојна истрага се злоупотребени и погрешно протолкувани. Тој бил во секојдневна комуникација со своите деца. Александар е жртва, тој е оштетен во оваа постапка, тврдам дека секој родител на кој би му се случило вакво нешто би го презел апсолутно истото што го презел тој, би водел своја самостојна истрага. Сведоци сте дека обвинението се темели токму на доказите кои ги прибавил Александар и тоа со знаење и со согласност на полициските службеници за кои барам да бидат испитани да видиме како ја воделе постапката“, рече Туфегџиќ и додаде дека „тврди дека ова не е водено онака како што треба, затоа го имаме тој резултат во однос на Александар“.
Туфегџиќ кажа дека не знае каква ќе биде одбрана на останатите обвинети, кои меѓу другото во судница кажаа дека воопшто не го познавале Александар Ѓорчевски.
„Јас сум доведен во позиција да бранам потполно невин човек, за кој нема ниту еден доказ“, додаде адвокатот.
Во однос на тврдењето на обвинителството дека само таткото на Вања знаел дека таа ќе оди тој ден сама на училиште, адвокатот кажа дека таков доказ тој нема, а од каде ги влече тие заклучоци обвинителството, Туфегџиќ кажа дека тоа треба да го каже јавниот обвинител.
Ѓорчевски пак, таткото на убиената 14-годишна Вања, на денешното судско рочиште рече дека не учествувал во грабнувањето на неговата ќерка, како што тврди обвинителството.
„Јас загинав на 27 ноември, чувствувам болка што не може да се објасни со зборови. Но, во овој процес ќе помогнам целосно да се расчисти оваа работа со имиња и презимиња”, рече Ѓорчевски.