Кетрин Мекена, која беше член на Трудовиот кабинет од 2015 до 2021 година, беше прва од редовите на либералите што излезе јавно ова лето, повикувајќи на “нова енергија и нов лидер”.
Во минатата недела беше далеку погруба и поруча дека “секој пратеник од редовите на либералите би требало да го повика премиерот да поднесе оставка”, пренесува “Политико”.
Предвидено е Претставничкиот дом повторно да се состане на 27 јануари, по една недела откако Доналд Трамп ќе се врати во Белата куќа.
Лидерот на конзервативците Пјер Полијевар упати апел парламентот повторно да се состане пред крајот на годината заради гласање за недоверба кое би ја урнало Трудовата малцинска влада.
„Премиерот и понатаму очајнички ја држи својата функција”, напиша Полијевар во петокот во писмото до генералниот гувернер на Канада, кој веројатно нема да го одобри барањето.
Тој порача дека тоа би било погрешно во кој било момент, но дека ова не се нормални времиња, и дека Канада се соочува со сериозна и потенцијално штетна трговска закана од Соединетите Држави.
Трудо во минатата седмица претрпе два големи удари – канадската министерка за финанасии Кристија Фриленд поднесе оставка поради спорот во врска со буџетот, а сите опозициски партии тогаш соопштија дека ќе се обединат да ја урнат малцинската либерална влада, пренесе Ројтерс.
Агенцијата наведува дека Трудо, меѓутоа, не покажува намера наскоро да ја напушти функцијата премиер.
Либералите беа на власт во Канада повеќе од девет години, а ја губат поддршката на избирачите поради високата инфлација и станбената криза.
Канадските опозициски партии соопштија дека сега е потребно одржување на избори за да се формира стабилна влада со оглед на тоа што Трудо нема мнозинска поддршка, а дека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп најави дека ќе воведе царина од 25 отсто на увозот на сите канадски производи.
Порталот Глоуб и мејл известува, повикувајќи се на извор од редовите на либералите, дека Трудо оди во Британска Колумбија на скијање и дека не се очекува тој да поднесе оставка за време на празниците.
Трудо есенва инсистираше дека останува на својата позиција.
“Морам да водам борба против луѓето што сакаат да ѝ наштетат на оваа земја”, рече тој пред есенската седница.
Сега неговата партија е во превирање поради враќањето на Трамп по неколку недели.
Според поранешните анкети, Трудо, кој девет години е премиер, доживеа драматичен пад на рејтингот од 63 отсто, колку што имал кога е избран во 2008 година, на 28 отсто во јуни оваа година.
Неговата популарност опадна додека избирачите се борат со порастот на трошоците на животот и со станбената криза, која делумно е поттикната од зголемениот прилив на странски студенти и работници.