сабота, 27 јули 2024

Трудо: Има застрашувачки пораст на антисемитизмот во Канада

Канадскиот премиер Џастин Трудо истакна дека има значителен пораст на антисемитизмот во Канада по нападот врз Израел од страна на палестинската исламистичка група Хамас и смртоносните израелски воздушни напади во Газа што следеа.

Објавено на

часот

Сподели

„Откако изби овој конфликт, има многу застрашувачки пораст на антисемитизмот овде дома“, рече Трудо на конференцијата за борба против антисемитизмот.

Дури и пред актуелниот конфликт, рече тој, имаше „стабилен пораст“ на антисемитизмот.

Трудо ги наведе извештаите за можно злосторство од омраза во еврејското средно училиште во Торонто минатата недела, стравувањата кај некои од посетување синагоги поради можноста за напад и вжештената реторика на интернет како примери за растечки антисемитизам во Канада.

Полицијата во Торонто, најголемиот канадски град, соопшти дека уапсила тројца мажи во четвртокот, откако тие ѝ се заканиле на Хебрејската академија на заедницата. Полицијата ги засили патролите во еврејските културни центри и синагоги, како и во муслиманските џамии и други места за богослужба.

Канадскиот премиер исто така го осуди Хамас и рече дека го поддржува правото на Израел на самоодбрана, притоа повлекувајќи цврста линија меѓу Хамас и пропалестинските гласови.

„Хамас не го претставува палестинскиот народ или нивните легитимни аспирации. Тие не зборуваат во име на муслиманската или арапската заедница и не ја претставуваат подобрата иднина што ја заслужуваат Палестинците или нивните деца“, рече Трудо.

Во нападот на Хамас врз јужните израелски заедници на 7 октомври убиени се 1.300 луѓе, а околу 200 се однесени како заложници во Појасот Газа, под контрола на Хамас.

Оттогаш, Израел ја бомбардира Газа каде здравствените власти велат дека се убиени најмалку 3.000 луѓе. Во нападот на болницата во вторникот загинаа повеќе од 500 Палестинци, а израелските и палестинските власти меѓусебно се обвинуваат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ