петок, 27 декември 2024

Тројца понудувачи се јавиле на повикот на Владата за универзален снабдувач со струја

Во Владата вчера јавно беа отворени понудите за доделување на договор за универзален снабдувач со струја. Како што соопшти владината прес-служба, согласно информациите од стручната комисија, до објавениот рок пристигнати се понуди на три економски оператори.

Објавено на

часот

Сподели

„Најпрво се отвори понудата од група понудувачи ЕВН Македонија електроснабдување ДООЕЛ Скопје – носител, и ЕВН Македонија АД Скопје – член на групата. Понудената бруто маржа во оваа понуда изнесува 11,4 отсто. Втора понуда која беше од ЕСМ продажба ДООЕЛ Скопје. Понудената бруто маржа во оваа понуда изнесува 11,4 отсто. Третата понуда е од група понудувачи ЕДС АД Скопје, ПАН ИНТЕРТРЕЈД ДОО Скопје. Понудена бруто маржа во оваа понуда изнесува 11,45 отсто“, се наведува во соопштението.

Според процедурата, после евалуацијата на економско-финансиската и на техничката способност на понудувачите, економските оператори чии понуди ги исполнуваат условите согласно критериумите наведени во тендерската документација ќе бидат поканети да учествуваат на негативно наддавање преку електронска аукција, пришто како почетна вредност ќе се земе најниската од понудените маржи на економските оператори чии понуди ги исполнуваат условите согласно критериумите наведени во тендерската документација.

Понудувачот кој на електронската аукција ќе понуди најниска маржа ќе биде поканет да го потпише Договорот за универзален снабдувач со електрична енергија.

При отворањето на понудите, пишува во соопштението, присутни биле и овластени претставници на дел од економските оператори кои имале доставено понуди, и истите немале никакви забелешки за процесот на отворање на понудите.

„Постапката треба да се заврши во рок од шест месеци од денот на објавувањето во Службен Весник на одлуката на Владата за отпочнување на постапката за избор на универзален снабдувач на електрична енергија, која е објавена на 20.10.2023 година. Комисијата ќе настојува да ја заврши евалуацијата во текот на наредната недела, по што ќе следи јавно наддавање кое би се случило до крајот на овој месец“, се посочува во соопштението од Владата. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ