Како што соопшти денеска Обвинителството, осомничените, двајца жители на селото Стојаково и еден од Валандово, учествувале и посредувале во продажба на околу пет килограми марихуана која ја набавил првоосомничениот. Три килограми од дрогата се договориле да ја продадат на купувач – грчки државјанин за сума од 9.000 евра. При обид да ја продадат дрогата на локација во Дојран, полициски службеници ги затекнале. Двајца од осомничените биле уапсени на местото на настанот, додека третиот се дал во бегство, но набрзо и тој бил приведен. Дополнително, во близина на Богданци е пронајдена преостанатата дрога која им била наменета за продажба.
Со образложение дека осомничените би можеле да се дадат во бегство, да ја попречуваат истрагата со влијание врз сведоците или соучесниците, да ги сокријат или да ги уништат трагите од кривичното дело, но и дека ќе го повторат делото за кое се гонат, јавниот обвинител до Судот доставил предлог за определување мерка притвор за сите тројца осомничени.