понеделник, 10 март 2025
Борис Дежуловиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Триумфот на добрата волја

Европа издивна, Британија и Франција издивнаа, Полска издивна, целиот свет издивна и без навистина да знае колку беше блиску до апокалипсата во таа драматична ноќ помеѓу 14 и 15 март 1939 година. Втората светска војна беше спречена со историски, величествен триумф на дипломатијата, дијалогот, компромисот, здравиот разум и добрата волја.
Не му помогна ни костумот: Емил Хаха

– Чест ми е да го угостам господинот претседател – рече во почетокот Лидерот на слободниот свет. – Работевме многу напорно и многу блиску, заедно, имавме малку преговарања, мислам дека тоа испадна одлично за двете земји, но и за целиот свет, не само за нашите две држави. Ова е по малку возбудлив момент, мислам дека сме прилично блиску до договор за размена на воена заштита и национални ресурси. Ве молам, ако имате нешто да кажете…?

– Ви благодарам многу, господине претседател – учтиво одговори гостинот на Лидерот. – Ви благодарам за поканата и навистина се надевам дека овој документ ќе биде првиот чекор кон вистински безбедносни гаранции за нашата земја, нашиот народ, нашите деца. Денес разбирам што е спремна Европа да направи и сакам да разговараме за тоа што сте вие спремни да направите. Мислам дека Франција и Обединетото Кралство веќе разговараа со вас и знаеме дека Европа е спремна, но без вас нема да биде спремна да биде толку силна колку што ни треба. Ние можеме да ѝ помогнеме на Европа, бидејќи и таа ни помогна нам. Тие се наши пријатели и навистина дадоа многу, навистина дадоа.

– Да, дадоа, но дадоа многу помалку – упадна Лидерот на слободниот свет.

– Не, не.

– Немој со мене да се расправаш за тоа – се насмеа Лидерот.

– Нема – се насмеа гостинот.

– Океј – го потапка Лидерот на слободниот свет. – Мислам дека секогаш треба да правите компромиси. Не можете да склучите никаков договор без компромис, но се надевам дека нема да биде толку голем како што мислат некои луѓе. Има ли прашања?

– Господине претседател – се јави еден новинар – дали мислите дека вашето наследство на крај ќе биде тоа што сте миротворец, а не претседател што ја одвел оваа земја во друга војна?

– Се надевам дека ќе биде така и дека ќе бидам запаметен како миротворец. Би било одлично ако можеме да го направиме тоа. Го правам ова за да спасам животи. Тоа беше убаво прашање, се надевам дека ќе бидам познат и препознаен како миротворец.

– Но ние никогаш нема да прифатиме само примирје – претпазливо додаде гостинот. – Ова нема да функционира без безбедносни гаранции. Овој документ не е доволен. Тоа е многу добар почеток, многу добар, но нема да биде доволно.

– Што ако Русија се обиде да нападне? – се јави со прашање друг новинар.

– Мислам дека тоа нема да се случи, ако мислев дека ќе се случи, немаше да го склучам договорот. Имам добри односи со рускиот претседател и немам никакви лоши искуства во преговорите со него. Одиме понатаму.

– Би ја споменал Полска – продолжи новинарот. – Кога разговарам со пријателите во Полска, тие се загрижени дека премногу се зближувате со Русија. Која е вашата порака за нив?

– Па, да не се зближев со двајцата, вие никогаш немаше да имате договор – одговори Лидерот на слободниот свет. – Сакате да кажувам навистина ужасни работи за рускиот претседател, а потоа да кажам ‘Здраво, до кај сме со договорот?’. Тоа не функционира така. Јас не се зближувам со никого, близок сум само со мојата земја и работам за доброто на светот. Сакате да бидам остар? Јас би можел да бидам поостар од кое било човечко суштество што некогаш сте го виделе. Би бил толку многу остар. Но вие никогаш нема да добиете договор на тој начин, така оди тоа.

– Би ви одговорил на ова – упадна сега и најблискиот соработник, десната рака на Лидерот на слободниот свет. – Она што нѐ прави добра земја е дипломатијата, тоа е тоа што го прави претседателот.

– За каква дипломатија зборувате? – го праша гостинот.

– Зборувам за дипломатија што ќе го спречи уништувањето на вашата земја – продолжи десната рака на Лидерот со поостар тон. – Мислам дека е непочитување кога доаѓате овде како гостин и разговарате за ова пред нашите медиуми. Треба да му бидете благодарен на претседателот што се обидува да му стави крај на овој конфликт. Дали барем еднаш во текот на целата средба кажавте благодарам, дали барем еднаш му се заблагодаривте на нашиот претседател, кој се обидува да ја спаси вашата земја?

– Ве молам, дали навистина мислите дека можете, ако многу гласно зборувате за војната… – се обиде да одговори гостинот.

– Не зборувај гласно! – гневно во тој момент го прекина Лидерот на слободниот свет. – Не зборувај гласно! Твојата земја е во големи проблеми!

– Смеам ли…?

– Не, не можете, премногу зборувавте. Вашата земја е во големи проблеми. Токму сега не сте во добра позиција. Си дозволивте да бидете во многу лоша позиција и тој – покажа Лидерот кон својот соработник – има право. Во овој момент немате карти. Со нас, имате карти во рацете.

– Јас не играм карти, јас …

– Сега се коцкате. Се коцкате со животите на милиони луѓе. Се коцкате со трета светска војна!

– Каква сега трета светска војна? – се збуни гостинот.

– Што реков, „со трета светска војна“? – се збуни сега и Лидерот на слободниот свет.

– Да, господине – снисходливо му се наведна десната рака. – Рековте „трета светска војна“, а веројатно мислевте на…

– Кога воопшто имаше втора светска војна? Пропуштив ли јас нешто? – се охрабри Емил Хаха.

– Покажете малку почит кон Германија и Фирерот! – згрме на тоа десната рака на Лидерот, Херман Геринг.

– Кога веќе сме кај светска војна – ја прекина непријатната тишина новинар од лондонски Тајмс – што ако Русија го прекрши Брестлитовскиот мир?

– Што ако?! Што ако што било? Што ако во овој момент врз глава ти падне бомба, океј? – комплетно ги загуби нервите Адолф Хитлер. – Што ако го прекршат? Не знам. Дозволете ми да ви кажам, Сталин и јас поминавме низ пеколот. Тој помина низ лажен лов на вештерки. И Русија. „Русија, Русија, Русија.“ Сте слушнале некогаш за тоа? Тоа беше лажна измама од демократите. И Сталин мораше да помине низ сето тоа, и помина.

– Така е! – му се испушти на еден германски новинар.

– Ајде значи да ја завршиме оваа работа, веќе е доцна, речиси е четири часот – на крај го прекина Фирерот и се сврте кон чехословачкиот претседател. – Во овој момент, господине претседател, имате избор помеѓу дипломатија и војна: или ќе потпишете договор и ќе соработувате со Германија, во кој случај јас би ѝ отстапил одреден степен автономија и национална слобода на Чехословачка во замена за ресурси, или ќе се соочите со сценарио во кое целиот отпор ќе биде уништен со силата на оружјето и со користење на сите средства. Значи, господине Хаха, кој е вашиот одговор?

Така некако, не ме држете за секој збор, изгледал историскиот разговор во канцеларската палата во Берлин ноќта меѓу 14 и 15 март 1939 година, кога во четири часот наутро, чехословачкиот претседател Емил Хаха, притиснат од цврстите и непобитни аргументи на Адолф Хитлер и неговата десна рака Херман Геринг, конечно го потпишал договорот и ѝ ја предал земјата на Германија. „Ова е најголемиот триумф во мојот живот! Јас ќе влезам во историјата како најголемиот Германец на сите времиња!“, изјавил Хитлер по историскиот ноќен состанок.

Потпишаниот договор за предавање на чехословачките национални ресурси во замена за германската воена заштита беше целосно испочитуван: само неколку часа подоцна, трупите на Вермахтот мирно и без отпор влегоа во Чехословачка, а утредента, на 16 март, германскиот Фирер во Прашкиот дворец прогласи германски протекторат, објаснувајќи дека „Чешка и Моравија илјадници години биле дел од германскиот Лебенсраум“. Цели индустриски комплекси беа преселени во Германија, запленетите воени ресурси, вклучувајќи петстотини тенкови, илјада и пол авиони, повеќе од две илјади топови, еден милион пушки и три милиони противавионски гранати, беа доволни за вооружување на половина од тогашниот Вермахт, а чехословачките златни резерви и огромните количества цврсти валути го спасија Третиот рајх од девизна криза.

Веќе во мај почнаа преговорите меѓу Хитлер и Сталин, а само три и пол месеци подоцна, во Кремљ беше потпишан Пактот за ненапаѓање и пријателство меѓу Германија и СССР. Европа издивна, Британија и Франција издивнаа, Полска издивна, целиот свет издивна и без навистина да знае колку беше блиску до апокалипсата во таа драматична ноќ помеѓу 14 и 15 март 1939 година. Втората светска војна беше спречена со историски, величествен триумф на дипломатијата, дијалогот, компромисот, здравиот разум и добрата волја.

Никогаш да не се заборави.

Извор: Новости

КОЛУМНИ

Албанија испишува историја со можноста за гласање на дијаспората

Жаклина Хаџи-Зафирова

Македонското новинарство (не) умира

Ристо Цицонков

Околу енергетската неависност на Македонија

Билјана Ванковска

Значењето на „локалното“ во Кина

Димитар Љоровски Вамваковски

Од „непостоечки“ фактор до неопходен сојузник и државен непријател: македонското национално...

Џефри Д. Сакс

На Европа ѝ треба своја надворешна политика, а не русофобија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ